Затворени се девет новогодишни куќарки во Градската чаршија во Струга, поради неисполнување на основни хигиенски услови, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
„Агенцијата спроведе вонреден инспекциски надзор во 9 новогодишни куќарки во градската чаршија во Струга и издаде решенија за забрана за работа поради неисполнување на основни хигиенски услови. На угостителите им се изречени парични казни по 200 евра во денарска противвредност, а издадени се и налози за нивна регистрација во Агенцијата како оператори со храна“, велат од АХВ.
Со контролатата спроведена на 22 декември, утврдено е дека во куќарките работеле физички лица и тоа во нехигиенски услови, односно куќарките не биле поврзани на градскатата водоводна мрежа, немале спроведена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, лицата немале спроведени задолжителни здравствено-санитарни прегледи, а не се почитувале ниту правилата на добра призводствена и добра хигиенска пракса.
Решенијата за времена забрана на вршење дејност ќе останат на сила сѐ до исполнување на потребните услови за работа, велат од АХВ.
С. ВРЕНЦОВСКА



