ВЛАСТИТЕ ВО САД ОТКРИЈА НАД МИЛИОН НОВИ ДОКУМЕНТИ ВО ВРСКА СО ПЕДОФИЛОТ ЕПСТИН

    ВЛАСТИТЕ ВО САД ОТКРИЈА НАД МИЛИОН НОВИ ДОКУМЕНТИ ВО ВРСКА СО ПЕДОФИЛОТ ЕПСТИНМеѓу неодамна објавените документи се наоѓа и наводно писмо на Епстин, во кое тој тврди дека Трамп „сака да допира млади, атрактивни девојки“. (Фото: Гети)

    Американските власти, според сопствени информации, пронашле повеќе од еден милион дополнителни документи кои можат да бидат поврзани со починатиот сексуален престапник Џефри Епстин. Содржината и потеклото на новите документи сè уште се нејасни.

    Обвинителството за јужниот округ на Њујорк и федералната полиција ФБИ откриле „повеќе од еден милион дополнителни документи кои можеби се поврзани со случајот Џефри Епстин“, соопшти Министерство за правда на САД на платформата Икс.

    Адвокатите работат „деноноќно“ на прегледување на документите и на законски задолжителното цензурирање (поцрнување на делови од документите) за заштита на жртвите. Документите, како што се вели, ќе бидат „објавени што е можно побрзо“. Сепак, поради огромниот обем на материјалот, тоа „може да потрае уште неколку недели“.

    Според Законот за транспарентност на досиејата Епстин (ЕФТА), сите досиеја Епстин требаше да бидат објавени до 19 декември. Законот беше речиси едногласно усвоен од Конгресот во ноември и потпишан од американскиот претседател Доналд Трамп. Министерството за правда, сепак, не го испочитува овој рок. Заменик министерот за правда Тод Бланш го оправда одложувањето со потребата внимателно да се отстрани идентитетот на жртвите на Епстин од документите.

    Опозициските демократи ја обвинија владата на Доналд Трамп за кршење на законот.

    Финансискиот советник и милионер Епстин, кој имал врски до највисоките кругови во САД, беше пронајден мртов во својата затворска ќелија во Њујорк во 2019 година. Според официјалните информации, осудениот сексуален престапник извршил самоубиство. Пред неговата смрт му се припишуваше дека злоупотребил повеќе од илјада девојчиња и жени и дел од нив ги проследувал на познати личности.

    Меѓу неодамна објавените документи се наоѓа и наводно писмо на Епстин, во кое тој тврди дека Трамп „сака да допира млади, атрактивни девојки“. Американското Министерство за правда го нарече писмото „фалсификувано“ и предупреди на „невистинити“ тврдења за претседателот.

    Министерството за правда на САД на 23 декември објави уште 29.000 страници документи и десетици видеоснимки, од кои неколку биле снимени во затвор. Според тие документи, Доналд Трамп најмалку осумпати патувал со приватниот авион на Епстин. Е-пошта од 7 јануари 2020 содржи записи за летовите на Епстајн, кои покажуваат дека Трамп летал со неговиот приватен авион осумпати од 1993 до 1996. На четири лета била присутна и најблиската соработничка на Епстин, Гилејн Максвел, а во еден случај од 1993, Трамп и Епстин се заведени како единствените патници. На друг лет тие биле придружувани од 20-годишна личност, чие име е сокриено.

    Трамп не крие дека порано биле пријатели со Епстин, но се скарале околу 2004, неколку години пред тој да биде уапсен првпат. Трамп негира какво било кривично дело во врска со Епстин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира