ПОСТАПКАТА ЗА ДИСЛОКАЦИЈА НА „УСЈЕ“ БИ МОЖЕЛА ДА ТРАЕ И НАД 6 ГОДИНИ, ВЕЛИ ЕКСДИРЕКТОРКАТА НА ИНСПЕКТОРАТОТ АНА ПЕТРОВСКА

    ПОСТАПКАТА ЗА ДИСЛОКАЦИЈА НА „УСЈЕ“ БИ МОЖЕЛА ДА ТРАЕ И НАД 6 ГОДИНИ, ВЕЛИ ЕКСДИРЕКТОРКАТА НА ИНСПЕКТОРАТОТ АНА ПЕТРОВСКА„Со барање локација, урбанизам и студии може да поминат две години пред да започне градбата, а за изградба и санација уште најмалку три години“, додава Петровска. (Архивска фотографија)

    Постапката за дислокација на скопската цементарница „Усје“ е исклучително комплексна и би можела да трае пет до шест години, дури и ако се започне веднаш, вели поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, за Дојче веле.

    Советот на Град Скопје на вчерашната седница со 41 глас „за“ од вкупно 45 советници, донесе одлука со која се задолжува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски да побара од Владата да се дислоцира фабриката „Усје“. Град Скопје нема ингеренции со кои може да направи дислокација на фабриката. Оваа точка беше ставена на дневен ред по барање на советникот од „Зелен хуман град“ Марјан Калевски, кој рече дека цементарницата „Усје“ ги труе граѓаните и затоа мора да се дислоцира надвор од градот. Цементарницата е на територијата на Општина Кисела Вода, на околу 5 километри од центарот на градот.

    „Најпрво треба да се најде локација и да се изработи урбанистички проект надвор од населено место. Потоа следуваат нова Студија за влијанија, купување и пренамена на земјиштето, одлука на Владата, изградба на нова цементара и потребната инфраструктура“, вели Петровска.

    Според неа, можно е да се бара и Студија за рушење и демонтажа на постојната фабрика, што дополнително го усложнува процесот.

    „Со барање локација, урбанизам и студии може да поминат две години пред да започне градбата, а за изградба и санација уште најмалку три години“, додава Петровска.

    Петровска предупредува дека постои реално сценарио во кое компанијата „Титан“ би можела да одлучи да престане со работа или да уценува со отпуштања на работници, ако процесот се покаже како неисплатлив.

    „Ако има политичка волја и државата даде помош – државно земјиште, соработка околу документација и можеби поволен кредит од меѓународни финансиски институции – секој проблем може да се реши. Многу е тешко, но не е неизводливо“, нагласува Петровска.

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека Владата согласно ингеренциите ќе постапи по заклучоците од Град Скопје.

    „Сè уште не сме имале можност да ги видиме и нормално дека согласно ингеренциите кои ги имаме ќе постапиме. Од тоа што можев да го слушнам во јавноста, се бараат вонредни инспекциски контроли, континуиран надзор. Тоа не е никаков проблем, и сега функционира. Што се однесува до дислокацијата – и тоа не е проблем што се однесува до Владата. Сето она што е проблем за граѓаните е проблем и на Владата“, рече Мицкоски по настанот за промоција на нови возила за Министерството за внатрешни работи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира