ЗАВРШИ ГРАДБАТА НА БУЛЕВАРОТ „ВИДОЕ СМИЛЕВСКИ-БАТО“ ВО ТЕТОВО, ГРАДОТ ДОБИ НОВ ИЗЛЕЗ КОН ПОРОЈ И РЕГИОНАЛНИОТ ПАТ КОН ЈАЖИНЦЕ

    ЗАВРШИ ГРАДБАТА НА БУЛЕВАРОТ „ВИДОЕ СМИЛЕВСКИ-БАТО“ ВО ТЕТОВО, ГРАДОТ ДОБИ НОВ ИЗЛЕЗ КОН ПОРОЈ И РЕГИОНАЛНИОТ ПАТ КОН ЈАЖИНЦЕБулеварот е е своевидна обиколница бидејќи ги поврзува јужниот и северниот дел на градот, а воедно ќе ја намали сообраќајната гужва која е најприсутна кај селата Џепчиште и Порој. (Фото: Општина Тетово)

    Конечно заврши изградбата на продолжението од булеварот Видое Смилевски-Бато во Тетово, попознат како Индустриска улица. Булеварот, кој започнува од булеварот Илинденска и сега се спојува со регионалниот пат Тетово-Јажинце, всушност е своевидна обиколница бидејќи ги поврзува јужниот и северниот дел на градот, а воедно ќе ја намали сообраќајната гужва која е најприсутна кај селата Џепчиште и Порој.

    „Го промовираме продолжувањето на булеварот Видое Смилевски-Бато кон Порој, Џепчиште и Теарце, со должина од 1.450 метри и ширина од над 12 метри во делот со две коловозни ленти. Вкупната површина на зафатот изнесува 15.330 м². Не само што пробивме булевар каде што немаше пат, туку го направивме според сите европски стандарди, со тротоар широк 2 метри, со јавно осветлување по целата должина на патот и со атмосферска канализација. Инвестиција изнесува речиси 84 милиони денари (околу 1,36 милиони евра-н. з.)“, рече  градоначалникот Биљал Касами на пуштањето на последната делница од оваа сообраќајница.

    Пробивањето на овој булевар започна во 2020, во времето на градоначалничката Теута Арифи, кога до април 2021 се изградија 671 метар од крстосницата со улицата Борис Кидрич кон тетовската касарна. Средствата за оваа делница беа обезбедени од Светска банка.

    Наредната делница во должина од 650 метри, од тетовската касарна кон регионалниот пат Тетово-Јажинце беше завршена во април 2025. На пуштањето на овој дел од сообраќајницата присуствуваше и премиерот Христијан Мицковски, иако целиот пат не беше целосно завршен. Од април до декември 2025 се градеше преостанатиот дел до Порој и регионалниот пат кој води кон Јажинце.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира