„Алкалоид“ АД Скопје во бизнис-планот за 2026 година најавува најмалку 10-процентно зголемување на издатоците за истражување и развој, јасен сигнал дека иновациите остануваат еден од клучните столбови на долгорочната стратегија на компанијата, соопшти фармацевтската компанија. Со ова зголемување, компанијата планира да алоцира уште повеќе ресурси во модернизација на генеричкото портфолио и во развој на патентирани производи со додадена вредност, во услови на сè поконкурентен фармацевтски пазар.
Зголемените вложувања во истражување и развој доаѓаат во година во која „Алкалоид“ очекува консолидирани приходи од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 проценти во однос на 2025 година. Доминирачкиот дел од продажбите – 91 процент – и натаму ќе доаѓа од фармацевтскиот сегмент, додека хемијата, козметиката и билкарството учествуваат со 9 проценти. Извозот останува главен двигател на растот, со очекувани 66 проценти од вкупните приходи, наспроти 34 проценти на домашниот пазар.
Планираните финансиски резултати за 2026 година предвидуваат и раст од 8 проценти на EBITDA, како и најмалку 7-процентно зголемување на консолидираната нето-добивка. Овие проекции се поткрепени со континуиран инвестициски циклус, кој во изминатите две децении надмина 250 милиони евра.
Само во последните години, компанијата инвестираше во нови производствени погони, магацински капацитети и технолошки линии, сите усогласени со највисоките GMP-стандарди. Во 2025 година беше пуштена во употреба и новата микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет, со капацитет за околу 20.000 анализи годишно и 21 високообразован вработен, инфраструктура што директно го поддржува растот на истражувачките активности.
За 2026 година е планирано околу 8 проценти од консолидираните приходи од продажби да се инвестираат во материјални и нематеријални средства, што дополнително ја зацврстува позицијата на „Алкалоид“ како една од најинвестициски активните компании во земјава.
Покрај технолошкиот и финансискиот развој, компанијата најавува и нови вработувања, околу 50 во земјата и во странство, како и продолжување на вложувањата во обуки, развој на кадар и раст на просечната нето-плата. Паралелно, ESG-стандардите сè поцврсто се интегрираат во корпоративното управување, со фокус на одговорност кон животната средина, вработените и заедницата.
Со зголемените вложувања во истражување и развој, „Алкалоид“ смета дека растот во 2026 година нема да се темели само на обем, туку и на знаење, иновации и производи со повисока додадена вредност, стратегија што треба да обезбеди одржлива конкурентност и на подолг рок.



