Кремљ кажа дека наводниот украински воздушен напад врз резиденцијата на Владимир Путин во северна Русија имал за цел да го урне преговарачкиот процес. Украина негира дека таков напад се случил и ја обвини Русија дека сака да ги поткопа мировните преговори.
„Дипломатската последица ќе биде заострување на преговарачката позиција на Руската Федерација“, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков и додаде:
„Гледаме дека самиот Зеленски се обидува да го негира ова, а и многу западни медиуми почнуваат да ја шират темата дека ова не се случило. Тоа е лудо“.
Песков одби да каже каде бил Путин во времето на наводниот напад, велејќи дека таквите детали не се објавуваат. Кога новинарите го прашаа дали Русија има физички докази за да ги поткрепи своите тврдења, тој рече дека противвоздушната одбрана ги соборила дроновите, а прашањето за остатоците е за Министерството за одбрана.
Украина го опиша обвинувањето на Русија како лага со која сака да ги оправда идните напади.
„Русија сè уште не доставила никакви веродостојни докази за да го поткрепи своето тврдење. Давањето лажни тврдења е карактеристична тактика на Русите, кои честопати ги обвинуваат другите за она што самите планираат да го направат“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Доналд Трамп вчера кажа дека Путин лично му рекол дека Украина се обидела да ја нападне неговата резиденција.
„Не ми се допаѓа, не е добро. Дознав за тоа од претседателот Путин. Бев многу лут поради тоа. Ова е деликатен период. Едно е да навредуваш, друго е да се нападне неговата куќа. Не е вистинско време да се направи ништо од тоа“, рече Трамп, додавајќи дека САД засега немаат докази за овој напад.



