Новогодишните празници традиционално се поврзани со зголемено јадење и пиење алкохол, но времето кога се јаде е важен, а често занемарен аспект на здравата исхрана, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во празничните препораки намалување на здравствените ризици.
Празничните прослави често се одвиваат во доцните вечерни и ноќни часови, а количината изедена храна е зголемена, енергетски богата и често нутритивно небалансирана. Иако овие навики најчесто се сметаат како привремени, нивното повторување во континуитет може да има значајни негативни ефекти врз здравјето, велат здравствените власти во препораките поврзани со доцното јадење за време на празниците:
- Да се планира времето на последниот оброк, така што последниот поголем оброк во текот на денот да се јаде најмалку 3-4 часа пред легнување, имајќи предвид дека за време на празничните прослави времето на спиење може да биде поместено, но доцното јадење не треба да стане секојдневна навика.
- Ако празничната вечера е неизбежно организирана во доцните часови, да се прилагоди составот на оброкот и да се избира храна со пониска енергетска вредност.
- При доцните оброци да се ограничува јадење масна, пржена и силно зачинета храна, која дополнително го оптоварува дигестивниот систем.
- Да се избегнува комбинирање на повеќе калорични јадења во еден доцен оброк, со цел намалување на метаболичкото и дигестивното оптоварување.
- Да се внимава на големината на порциите при доцните оброци, имајќи предвид дека енергетските потреби на организмот во вечерните часови се намалени.
- По јадење доцен оброк да не се легнува веднаш, туку да се остави време за иницијална дигестија.
- По можност, по доцен оброк да се практикува лесна физичка активност, како што е кратка прошетка, со цел подобрување на гастроинтестиналната функција.
- Во деновите помеѓу празничните прослави да се одржува редовен дневен распоред на оброци, со што се придонесува кон стабилизирање на метаболичкиот ритам.
- Лицата со гастроинтестинални, метаболни и кардиоваскуларни болести да бидат особено внимателни во однос на времето и составот на вечерниот оброк.
- По завршување на празничниот период да се избегнува продолжување на навиката за доцно јадење, со цел воспоставување и одржување на здрави и одржливи навики во исхраната.



