Доналд Трамп изјави дека не му треба меѓународното право и дека неговите овластувања се ограничени само од неговата моралност.
„Единственото ограничување на мојата моќ како претседател на САД е мојот сопствен морал, мојот сопствен ум. Тоа е единственото нешто што може да ме запре. Не сакам да повредувам луѓе“, рече тој во интервју за „Њујорк тајмс“.
Запрашан дали неговата администрација треба да се придржува до меѓународното право, Трамп одговори:
„Да, но зависи каква е вашата дефиниција за меѓународното право“.
Тој беше критикуван од бројни држави дека го прекршил меѓународното право со воената акција во Венецуела во која беше заробен Николас Мадуро, но ја отфрла загриженоста дека тоа може да постави основа за преземање на Тајван од страна на Кина. Тој ги повтори контроверзните тврдења дека Мадуро праќал членови на банди во САД.
„Тоа беше вистинска закана. Не постои наплив на луѓе и дрога во Кина. Од тајванските затвори не се праќаат луѓе во Кина. Не верувам дека Шји Џинпинг ќе го заземе Тајван. Би бил многу несреќен ако го направи тоа и мислам дека нема да го направи, барем не додека јас сум претседател на САД“, рече Трамп.
Тој кажа дека неговата влада разгледува бројни опции за преземање контрола врз Гренланд.
„Можеби ќе треба да избереме помеѓу контролирање на Гренланд и одржување на НАТО“, кажа Трамп.



