Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави треба да воспостават сопственост врз Гренланд за да го спречат влијанието на Русија и Кина во овој регион. Одговарајќи на новинарско прашање, Трамп рече дека државите мора да поседуваат територии за да можат соодветно да ги бранат, бидејќи, според него, договорите за отстапување не се доволна гаранција за безбедноста.
„Ќе го направиме тоа на полесниот или на потешкиот начин“, додаде Трамп, додека Белата куќа претходно потврди дека администрацијата ја разгледува можноста за купување на оваа полуавтономна територија од Данска, но не ја исклучува ниту опцијата за анексија со сила.
Данска и Гренланд остро реагираа на ваквите најави, велејќи дека територијата не е за продажба. Официјален Копенхаген предупреди дека каква било воена акција би значела крај на трансатлантскиот одбранбен сојуз. Во заедничка изјава, политичките лидери на Гренланд повикаа на прекин на „непочитувањето од страна на САД“, потенцирајќи дека за иднината на земјата треба да одлучува исклучиво гренландскиот народ.
Иако Гренланд е ретко населен, неговата стратешка положба меѓу Северна Америка и Арктикот е клучна за системите за рано предупредување од ракетни напади и за следење на движењето на бродовите. Трамп тврди дека Гренланд е витален за американската национална безбедност, наведувајќи дека регионот е „преплавен со руски и кинески бродови“.
САД веќе имаат воено присуство на островот преку базата Питуфик, која е оперативна уште од Втората светска војна. Иако постоечките договори со Данска му дозволуваат на Вашингтон да стационира неограничен број војници, Трамп смета дека тоа не е доволно.
„Државите не можат да прават договори на девет или на 100 години. Мора да имаат сопственост. Не ги сакам Русија и Кина како соседи на Гренланд и тоа нема да се случи“, изјави тој.
Сојузниците на Данска во НАТО, вклучувајќи ги Канада и водечките европски земји, упатија поддршка до Копенхаген, нагласувајќи дека безбедноста на Арктикот мора да се постигнува колективно и со почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите согласно Повелбата на ОН.



