СЕ ЗАБРАНУВААТ ЕЛЕКТРОНСКИ ЦИГАРИ СО ВКУСОВИ И ПУШЕЊЕ ВО КОЛА СО ДЕТЕ, КАЗНИТЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ ДО 300 ЕВРА, ОБЈАВЕН НОВИОТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОН

    СЕ ЗАБРАНУВААТ ЕЛЕКТРОНСКИ ЦИГАРИ СО ВКУСОВИ И ПУШЕЊЕ ВО КОЛА СО ДЕТЕ, КАЗНИТЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ ДО 300 ЕВРА, ОБЈАВЕН НОВИОТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНСпоред образложението на Министерството, овие мерки се неопходни бидејќи директните здравствени трошоци за лекување на болести предизвикани од пушење годишно надминуваат стотици милиони денари. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство го објави новиот Предлог-закон за заштита од пушење со кој се воведуваат драстични рестрикции за употреба на тутун, никотински производи и уреди за нивно консумирање. Со ова законско решение, кое треба да стапи на сила од 1 март 2026 година, Македонија планира да ја намали високата стапка од 45% пушачи меѓу возрасната популација.

    Со новиот закон се забранува производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи (вклучително и електронски цигари) кои содржат слатки, овошни или билни ароми, како и вкус на ментол. Една од најзначајните новини е целосната забрана за пушење во приватно возило доколку во него е присутно дете. Пушењето останува забрането во сите затворени јавни простории и угостителски објекти. Исклучок се дозволува само на отворени балкони и тераси на катовите, додека на приземните тераси пушењето ќе биде дозволено само ако се отворени од најмалку три страни и немаат прегради од стакло или најлон. Се забранува изложување на цигари и уреди во маркетите. Тие мора да бидат во затворени шкафови кои не се видливи за купувачите, а информациите за цените ќе се даваат само преку листа со азбучен ред.

    Инспекцискиот надзор ќе го вршат повеќе институции, вклучувајќи ги пазарниот, санитарниот и трудовиот инспекторат, како и МВР. Физичко лице затечено како пуши на забрането место ќе се казни со глоба од 150 до 300 евра. Доколку казната се плати на лице место, таа изнесува 100 евра. Правните лица се соочуваат со казни од 2.000 до 5.000 евра, во зависност од нивната големина. Дополнително, доколку се утврди прекршок во објект, инспекторот може да изрече привремена забрана за вршење дејност до три месеци.

    Според образложението на Министерството, овие мерки се неопходни бидејќи директните здравствени трошоци за лекување на болести предизвикани од пушење годишно надминуваат стотици милиони денари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира