Граѓаните од Куманово, кој добиле решенија за ретроактивно оданочување за 2020 година поради работа во американските бази во Ирак и Авганистан, од денеска до 16 јануари ќе протестираат секој ден пред канцеларијата на Упрвата за јавни приходи (УЈП), со цел да ги натераат надлежните институции да најдат решение за нивниот проблем. Тие денеска јавно ги повикаа премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот Максим Димитриевски и директорката на УЈП Елена Петрова да дојдат на средба, за да им ги презентираат доказите што ги имаат и да им кажат што да преземат, бидејќи термините ги газат и по 15 јануари ќе треба да плаќаат и камата ако не постапат по решенијата што ги добиле.
„Многумина кумановци се збунети и не знаат што да прават, затоа ја користам оваа можност и јавно да ги повикам Мицкоски, Петрова и Димитриевски, да дојдат да ги слушнат нашите барања и да видиме што понатаму. Ние имаме докази, кои тие не ги прифаќаат. Фирмите каде што работевме ни пратија документи дека сме плаќале 15 проценти данок во Ирак, но тие бараат да донесеме официјални документи од тамошните власти. Оттаму ни велат дека како на странски државјани не можат да ни издадат таков документ. Процедурата е многу сложена и затоа бараме институциите од нашата држава, МНР, Владата преку службени канали, амбасади и протоколи да ни ги обезбеди документите. Тоа се нашите барања, а никој во овој град и во оваа држава не ги разбира“, кажа Жикица Миланов, еден од печалбарите.
По првиот протест тие имале неофицијална средба со премиерот Мицкоски и директорката Петрова, при што било ветено дека ќе се најде решение за дел од барањата, но не ги исполниле.
„Ни ветија дека во секоја подрачна единица на УЈП ќе се отвори канцеларија со тимови обучени за овој проблем, дека ќе бидат сослушани сите граѓани не само од Куманово туку од целата држава, дека ќе биде пролонгирана постапката до 31 мај и дека ќе ни бидат признаени сите докази. Но сетоа тоа падна во вода“, вели Зоран Наковски.
Граѓаните уште еднаш повторија дека не се против законот и плаќањето данок, само бараат УЈП правилно да ја утврди даночната резидентност според фактичкиот престој подолг од 183 дена надвор од државата, да ги признае доказите како што се пасошите, печатите и потврдите од работодавачите, како и доказите за работа и престој без условување со формална одјава. Тие побараа и ревизија на донесените решенија, привремено запирање на присилната наплата, како и јасни насоки за даночниот третман на граѓаните ангажирани во меѓународни мисии.
Се претпоставува дека во американските бази на Ирак и Авганистан во периодот од 2003 до 2025 година работеле од 10.000 до 15.000 кумановци.
С. НИКОЛИЌ



