МВР ОБЈАВИ ПОТЕРНИЦА ПО 18-ГОДИШНИОТ САИТ САИТОВ КОЈ ВОЗЕЈЌИ БЕЗ ДОЗВОЛА УСМРТИ ЖЕНА ВО СКОПСКИ КАПИШТЕЦ И ИЗБЕГА

    МВР ОБЈАВИ ПОТЕРНИЦА ПО 18-ГОДИШНИОТ САИТ САИТОВ КОЈ ВОЗЕЈЌИ БЕЗ ДОЗВОЛА УСМРТИ ЖЕНА ВО СКОПСКИ КАПИШТЕЦ И ИЗБЕГАТој по несреќата избега од местото на настанот и ја напушти државата.(Фото: МВР)

    Министерството за внатрешни работи денеска ја објави меѓународната потерница по 18-годишникот кој возејќи без возачка дозвола на 9 јануари удри и усмрти жена во скопски Капиштец. Потерницата е распишана за Саит Саитов од Скопје, од татко Берти  и мајка Ганимете од Скопје. Тој избега од местото на несреќата и ја напушти државата.

    „Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, велат од МВР.

    Според истрагата, осомничениот возел „фолксваген пасат“ по улицата Народен фронт без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. Наместо да застане и да ѝ помогне на повредената жена, возачот веднаш избегал од местото. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар, каде подоцна починала од тешките повреди.

    Обвинителството открива дека во бегството му помогнале маж и жена, кои со свој автомобил го пренеле преку граничниот премин Табановце. Тие биле уапсени откако се вратиле во земјава, а јавниот обвинител до судија на претходна постапка веќе достави предлог за нивно притворање.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира