На 16 јануари од 12.30 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе се одржи комеморација во чест на Драган Б. Костиќ, легендарниот радиоводител кој почина на 20 декември 2025 по кратко боледување. Комеморацијата ја организира семејството Костиќ и тимот на продукцијата „Диско селектор“. Како што ни рекоа од семејството на Костиќ, ќе зборуваат дел од неговите долгогодишни пријатели и соработници.
Роден во Скопје во 1950, Костиќ ја започнал кариерата во тогашното Радио Скопје, прославувајќи се како со својот глас, така и со емисиите „Диско селектор“, која почна да се емитува во јуни 1974 и „Заборави ако можеш“, која ја водеше од 1991. Втората го доживеа своето 4.500 издание во октомври 2013.
На 29 ноември 2024 во Скопје се одржа настанот „Последниот танц“ на која Драган Б. Костиќ пушташе музика во организација на „Авалон“, по повод 50 години од „Диско селектор“.
„Сакав да го одиграм овој ‘последен танц’ пред луѓето кои пораснале со ‘Диско селектор’ и ‘Заборави ако можеш’, со музика од која сите ќе се чувствуваат убаво. Кога луѓето ќе заминат од салата, сакам да си речат дека им било убаво“, ни рече тогаш Костиќ.
Покрај радиото, Костиќ успешно го водеше своето шоу „Б со точка“ на телевизијата „Телма“ во кое гостуваа повеќе познати музичари, актери и продуценти од Македонија и од регионот. Негова голема гордост беше онлајн радиоемисијата „Кавервил“ која се емитуваше и на локалните радиостаници низ Македонија.
Костиќ беше еден од легендарните диџеи и голем колекционер на музика. Петар Георгиевски-Камиказа од групата „Меморија“ побара минута аплауз за Костиќ на отварањето на изложбата на бендот во декември во 2025, и рече дека првата касета со хитот „Дирлада“ на бендот ја имал Костиќ.
М. ЏАРОВСКА



