Најголемиот светски сајт, енциклопедија Википедија, денеска слави 25 години од своето основање. Сајтот е достапен на 342 активни јазични верзии, меѓу кои и Википедија на македонски јазик основана 2003.
Вечерва во 19 часот во „Јавна соба“ во Скопје, македонската заедница и здружението Викимедија МКД, која го развива и одржува македонското издание на енциклопедијата, ќе го одбележат јубилејот. Ќе говорат Кирил Симеоноски, Тони Ристовски, Николче Стојаноски, Ана Вишинова, Ирена Стерјовска, Валентина Трајковска и Филип Белчев.
„Македонската верзија на Википедија е основана во септември 2003 од млади волонтери кои имале желба да го донесат бесплатното знаење поблиску до македонската читателска публика. Од првичните скромни стотина статии, денес македонската верзија на Википедија прераснува во една од подобро етаблираните на овие простори со 157.956 статии на македонски јазик и заедница од 340 активни корисници“, вели Бојан Велковски, менаџер за комуникации на Викимедија МКД.
Википедија е основана на 15 јануари 2001 во САД од Џими Велс и Лери Сангер. Првичната верзија на Википедија била само на англиски јазик, но популарноста и заинтересираноста кон енциклопедијата резултирала со создавање на голем број последователни јазични верзии. Википедија е бесплатна енциклопедија достапна за сите. Целта на Википедија е да создаде „свет во којшто секој поединец има слободен пристап до сумата на севкупното човечко знаење#.
Самата енциклопедија е раководена од Фондацијата Викимедија, со седиште во Сан Франциско. Името е кованица од хавајскиот збор „вики“ (wiki), што значи „брзо“, а бил присвоен да опише еден вид на сработен програм и зборот „енциклопедија“.




