Предлог-законот за заштита од пушење нема да биде удар за угостителите, смета министерот за здравство Азир Алиу. Тој вели дека искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти.
„Ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти“, вели Алиу.
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација.
„Пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите. Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни“, вели Алиу.
Од Министерството велат дека предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
- СЕ ЗАБРАНУВААТ ЕЛЕКТРОНСКИ ЦИГАРИ СО ВКУСОВИ И ПУШЕЊЕ ВО КОЛА СО ДЕТЕ, КАЗНИТЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ ДО 300 ЕВРА, ОБЈАВЕН НОВИОТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОН
- УМИРААТ ПО 4.000 ПУШАЧИ ГОДИШНО, ДОКТОРИТЕ АПЕЛИРААТ ИТНО ДА СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕ
- УПОТРЕБАТА НА ЕЛЕКТРОНСКИ ЦИГАРИ КАЈ МЛАДИТЕ ПОРАСНАЛА ЗА 10 ОТСТО ЗА 4 ГОДИНИ, ДОКТОРИТЕ БАРААТ ИТНО ДА СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ
Со ова законско решение, кое треба да стапи во сила од 1 март 2026, Македонија планира да ја намали високата стапка од 45% пушачи меѓу возрасната популација.
Со новиот закон се забрануваат производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи (вклучително и електронски цигари) кои содржат слатки, овошни или билни ароми, како и вкус на ментол. Една од најзначајните новини е целосната забрана за пушење во приватно возило доколку во него е присутно дете. Пушењето останува забрането во сите затворени јавни простории и угостителски објекти. Исклучок се дозволува само на отворени балкони и тераси на катовите, додека на приземните тераси пушењето ќе биде дозволено само ако се отворени од најмалку три страни и немаат прегради од стакло или најлон. Се забранува изложување на цигари и уреди за пушење во маркетите. Тие мора да бидат во затворени шкафови кои не се видливи за купувачите, а информациите за цените ќе се даваат само преку листа со азбучен ред.



