Повреден е еден ренџер од Националниот парк „Шар Планина“ при кавга помеѓу вработени и лица од еден оператор кој со ратраци превезува скијачи до разни делови на планината. Еден од операторите вчера се обидел со неколку ратраци да превезе скијачи, но вработените од Националниот парк го попречиле, бидејќи, како што велат, операторот немал склучено договор со Националниот парк за вршење на оваа дејност. Во еден момент за малку бил избегнат посериозен инцидент кога ратракот тргнал директно на нив и повредил еден ренџер. Иако бил упатен повик до полицијата да интервенира, како што велат од НП „Шар Планина“, таа не реагирала.
„На вчерашниот настан, освен директорот на Националниот парк, раководителот на Одделението за заштита на природата и чуварите, беа присутни и лица ангажирани од операторот, приватно обезбедување, сопственикот на хотелот ‘Арена‘ и педесетина туристи. Дел од присутните лица, ангажирани од операторот, влегоа во конфликтни ситуации со нашите вработени, со што ја попречија нивната работа како службени лица, го нарушија нивниот личен дигнитет и го доведоа во ризик нивните живот и здравје. Поради ескалација на ситуацијата беше упатен повик за полициска поддршка на бројот 112. По нашето барање за помош не беа преземени мерки против сторителите, ниту, пак, беше спречено понатамошно користење на возилата. Присутните го напуштија местото со скандирања и навреди. Поради сериозноста на настанот, веднаш потоа се упативме во полициската станица во Тетово и поднесовме соодветна пријава“, велат од НП „Шар Планина“.
Во врска со овој инцидент реагираа од фирмата „Ескимо фријад“, која е оператор за превоз на скијачи, велејќи дека наводите од НП „Шар Планина“ се неточни.
„Објавата не ја отсликува реалната состојба на терен и содржи неточни и тенденциозни тврдења. Во конкретниот случај не постоеше никаква закана по животот или безбедноста на кое било лице. Напротив, се работи за незаконско и присилно запирање на македонски оператор за екстремно скијање со помош на ратраци, дејност која со години придонесува за развој на туризмот на Шар Планина и носи повеќе од 1.500 туристи годишно од целиот свет. Спротивно на изнесеното во објавата, операторот постапувал согласно доставениот допис од НП ‘Шар Планина‘ и нивниот официјален тарифник, врз основа на кој, по барање на самата установа, е извршена авансна уплата од 5.000 евра, со образложение дека установата е самофинансирана и нема друг редовен прилив на средства“, се вели во соопштението од „Ескимо трејд“.
На ова, од НП „Шар Планина“ одговорија дека кај нив пристигнала уплата од 300.000 денари од ресторанот „Арена“, со назначена цел на дознака „Аванс за надомест за вршење дејност со ратрак по регистриран пат“, но посочуваат дека ресторанот не е оператор и со истиот НП „Шар Планина“ немал договор за вршење на оваа дејност и дека уплатата ќе биде вратена.
Од СВР Тетово велат дека се работи на расчистување на случај на Попова Шапка, пријавен на 16 јануари.
„Според пријавеното, до конфликтот дошло околу 8:30 часот, кога вработени во ренџерската служба на Националниот парк ‘Шар Планина‘ се обиделе да сопрат движење на машини за снег (ратраци) на приватен оператор, повикувајќи се на недостиг на соодветна документација за работа во заштитената зона. Претставник на хотелот ‘Арена‘ пријавил дека биле неосновано спречени во вршење на дејноста и дека им било ограничено движењето без писмен налог. Од друга страна, раководството на НП ‘Шар Планина‘ пријави кривични дела ‘спречување службено лице во вршење службено дејствие‘ и ‘предизвикување општа опасност‘, односно дека неколку лица со ратраци се обиделе да ги прегазат вработените во паркот, при што еден ренџер бил удрен со механичка корпа и се здобил со повреди. Пријавено е и наводно несоодветно постапување на полициски службеник на местото на настанот, за што мерки презема Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди. СВР Тетово презема мерки за расчистување на случајот“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Минатата година, од НП „Шар Планина“ повеќепати алармираа за големите штети што ги прават ратраците, кои и кога имаше мали количини снег, носеа скијачи на места надвор од скијачкиот центар „Попова Шапка“. Тогаш се донесе одлука, која уште е во сила, со која секој оператор кој превезува скијачи мора да склучи договор со НП „Шар Планина“, да ја врши дејноста на строго определени патеки и не смее да ја обавува оваа дејност ако висината на снегот е помала од 50 сантиметри.
Моменталната висина на снежната покривка на Попова Шапка е околу 30 сантиметри.
З. АНДОНОВ



