Лидерите на Европската Унија предупредија на „опасна надолна спирала“ поради најавите на Доналд Трамп дека ќе воведе нови царини за осум европски сојузници поради нивното отворено противење на американско преземање на Гренланд. Амбасадорите од 27-те членки на ЕУ ќе одржат итен состанок денеска за да разговараат за нивниот одговор на заканата од царини.
„Царините би ги поткопале трансатлантските односи и би ризикувале опасна надолна спирала. Европа ќе остане обединета, координирана и посветена на зачувување на својот суверенитет“, кажаа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во објави на Икс.
Трамп објави дека новата царина од 10% за стоки од Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска ќе стапи во сила на 1 февруари, но би можела да се зголеми на 25% во јуни и ќе важи додека не се постигне договор за Гренланд.
Највисоката дипломатка на блокот Каја Калас изјави дека царините ќе му наштетат на просперитетот од двете страни на Атлантикот и ќе го одвлечат вниманието на ЕУ од нејзината основна задача – ставање крај на војната во Украина.
„Кина и Русија сигурно имаат добар ден. Тие се оние кои имаат корист од поделбите помеѓу сојузниците. Ако безбедноста на Гренланд е во опасност, можеме да се справиме со тоа во рамките на НАТО“, рече таа.
Погодените држави го критикуваа и осудија потегот на Трамп и порачаа дека не прифаќаат уцени и закани.
„Заканите со царини се неприфатливи во овој контекст. Нема да нѐ поколеба никакво заплашување“, кажа францускиот претседател Емануел Макрон, а шведскиот премиер Улф Кристерсон додаде дека нема да дозволат да бидат уценувани.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека се изненадени од заканата, а британскиот премиер Кир Стармер ја опиша одлуката на Трамп како целосно погрешна.
Брисел и Вашингтон лани постигнаа договор за американски царини од 15% за сите стоки од ЕУ и дека блокот ќе ги отвори своите пазари за американските извозници со 0% царини за одредени производи.



