Мегаракетата на НАСА е преместена на лансирната рампа во Кејп Канаверал во Флорида, додека започнуваат последните подготовки за првата мисија со човечки екипаж кон Месечината по повеќе од 50 години. Системот за лансирање висок 98 метри беше носен вертикално од зградата за склопување возила, а патувањето од шест и пол километри до рампата траеше дури 12 часа.
Сега кога е на позиција, ќе се одржат последните тестови и проверки и генерална проба, пред да се даде зелено светло за 10-дневната мисија „Артемис 2“, во која четворица астронаути ќе летаат околу Месечината. НАСА вели дека најраниот термин за полетување на ракетата е 6 февруари, но има и повеќе временски периоди за лансирање во февруари, март и април.
Во екипажот ќе бидат американските астронаути Рид Вајзмен, Виктор Гловер и Кристина Кох и Канаѓанецот Џереми Хансен. Тие ќе бидат првите луѓе кои летале кон Месечината од мисијата „Аполо 17“, која слета во декември 1972.
Не е предвидено „Артемис 2“ да слета на Месечината, туку ќе ги постави темелите за идно слетување предводено од мисијата „Артемис 3“. НАСА соопшти дека лансирањето на „Артемис 3“ ќе се случи „не порано од“ 2027 година, но експертите веруваат дека 2028 е најраниот можен термин.
„Неверојатно е чувството да се види ракетата. Астронаутите се најмирните луѓе на денот на лансирањето. И мислам дека така се чувствуваме затоа што сме толку подготвени да ја исполниме мисијата за која сме обучени“, рече Кох.
Хансен додаде дека се надева оти мисијата ќе го инспирира светот.
Ракетата ќе ги помине првите два дена во орбитата околу Земјата, пред да се упати кон Месечината. Додека летаат околу далечната страна на Месечината, екипажот ќе има три часа за набљудување и фотографирање и за проучување на нејзината геологија, што ќе помогне во планирањето и подготовката на идно слетување на јужниот пол на Месечината.




