Унгарија смета дека прашањето за иднината на Гренланд не е проблем на Европска Унија и затоа не ја поддржа заедничката изјава на ЕУ за оваа тема, изјави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
Тој додаде дека Гренланд е билатерално прашање што треба да се реши низ преговори помеѓу двете засегнати страни.
Амбасадорите на членките на ЕУ викендов се согласија да ги засилат дипломатските напори за да го спречат Доналд Трамп да воведе нови царини за осум европски сојузници поради нивното противење на американско преземање на Гренланд. Трамп се закани дека на 1 февруари ќе воведе царини од 10% за Велика Британија, Франција, Германија, Холандија, Данска, Шведска, Норвешка и Финска, кои ќе важат додека не се постигне договор за Гренланд.
Европската Унија в четврток ќе одржи вонреден лидерски самит во Брисел, каде што ќе се разговара за тоа како да одговорат на најновата закана на Трамп за преземање на Гренланд.
Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан е близок сојузник на Трамп, неодамна не ја поддржа ниту изјавата на ЕУ со која беше осудена американската интервенција во Венецуела.



