Советот на јавни обвинители на денешната седница го избра Анел Фидоски за нов основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје. Фидоски ја доби поддршката со седум гласа „за“ од членовите на Советот.
Неговото обвинителско портфолио ги вклучува предметот за убиството на Никола Саздовски, член на навивачката група „Комити“, како и случајот „Тенковски делови“. Овој процес, воден против поранешниот премиер Владо Бучковски, заврши со негово застарување.
На огласот за шеф на скопското обвинителство беа пријавени вкупно петмина кандидати. Покрај избраниот Фидоски, во трката беа и досегашниот обвинител Гаврил Бубевски, како и Тања Трајчевска, Дејан Петрески и Спасенка Андонова.
При гласањето, Бубевски доби пет гласови, додека Трајчевска и Андонова добија по еден глас „за“. Кандидатот Петрески на денешната седница не доби ниту еден глас поддршка.
На истата седница, членовите на Советот донесоа одлука и за раководната позиција во Тетово. Со 10 гласа „за“, Бесир Алиу беше избран за нов шеф на Основното јавно обвинителство Тетово.



