Апелациониот судија Ѓоко Ристов, кому обвинителка од ОЈО за организиран криминал во семејната куќа на неговите родители во Неготино, во ѕид му најде соѕидани 350.000 евра, непоткрепени, денеска е сослушан од неа.
Таа му ги предочила прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар.
Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор.
Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.
Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокатот Фехми Стафа поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание.
Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд завчера беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија Ѓоко Ристов, каде соѕидани во простор во ѕидот до тој момент беа најдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени.
Кривичниот суд денеска реагираше веднаш за судијата со имунитет.
„До Основниот кривичен суд од страна на Обвинителството е доставен предлог за определување мерка куќен притвор и дополнителни мерки за обезбедување присуство, предлогот е распределен кај судија на претходна постапка кој веднаш достави известување до надлежниот судски совет од каде се очекува одговор, по што судијата ќе продолжи со постапување”, соопшти Судот.
Се чека да се состане Судскиот совет.
С. К. ДЕЛЕВСКА



