Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека прифатил да се приклучи на Одборот за мир во Газа, предводен од Доналд Трамп, откако неговиот кабинет го критикуваше составот на телото кое треба да ја надгледува работата на палестинската технократска влада.
Одборот во почетокот беше замислен како мала група светски лидери, но владата на Трамп го прошири неговиот концепт и покани повеќе од 60 држави. Трамп навести дека овој Одбор дури би можел да ги замени Обединетите нации и да помогне во решавањето на конфликти низ светот.
„Овој Одбор би можел да ги замени Обединетите нации. Ова тело веќе не е многу корисно и никогаш не го искористи својот потенцијал. Сепак, и Обединетите нации треба да продолжи бидејќи потенцијалот е голем“, кажа Трамп.
Од кабинетот на Нетанјаху претходно кажаа дека составот на Одборот, кој треба да ја вклучи и Турција, не бил координиран со израелската влада и бил спротивен на нејзината политика, без да го разјаснат ова. Крајнодесничарските министри повикаа на негово распуштање.
Обединетите Арапски Емирати, Мароко, Виетнам, Белорусија, Унгарија, Казахстан и Аргентина ја прифатија поканата за членство, а Велика Британија, Канада, Египет, Русија, Турција и Европската комисија сè уште не одговориле. Од владата на Трамп кажаа дека оние кои сакаат постојано, а не тригодишно членство мора да уплатат една милијарда долари, што ќе биде искористено за обнова на Газа.



