Фатон Сељами е новиот Народен правобраните избран денеска на седница на Собранието со 89 гласа „за“, шестмина беа против, додека од пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство, 28 гласаа „за“, а осум „против“, со што беше обезбедено потребното Бадентерово мнозинство. Сељами е избран на мандат од осум години, со право на уште еден последователен мандат. Тој е дипломиран правник од Тетово, магистер по правни науки, со положен правосуден и нотарски испит.
Свечената изјава ќе ја даде во Собранието на 26 јануари.
Сељами доаѓа на местото на Насер Зибери, кој замина во пензија. Предлогот за негов избор беше утврден уште во јули лани во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, но тогаш не беше изгласан поради недостиг на потребното мнозинство. Пред членовите на Комисијата, неговата биографија ја образложи пратеникот Беким Ќоку од коалицијата ВЛЕН, кој кажа дека Сељами има долгогодишно искуство во областа на заштитата и унапредувањето на човековите права.
Својата професионална кариера ја започнал во Агенцијата за разузнавање, а до 2008 работел во Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Од октомври 2008 бил вработен во Канцеларијата на народниот правобранител во Скопје. Во 2018 бил именуван за генерален секретар во Министерството за правда, а од 2020 работел во регионалната единица на Министерството за правда во Тетово. Од 2023 ја извршувал функцијата раководител на Одделението за политички систем во истото министерство.
Сељами е оженет и татко на три деца.



