Расте бројот на заболени од рак на грлото на матката. Според најновата клиничка епидемиолошка статистика на Клиниката за радиотерапија и онкологија, за разлика од 2024 кога имало 74 пациентки, во 2025 имале 122 пациентки кои по првпат со оваа дијагноза се јавиле во клиниката, рече денеска раководителката на Одделението за малигни генитални тумори кај жената на Клиниката, проф. д-р Виолета Клисаровска.
Клисаровска и повеќе експерти говореа на настанот за одбележувањето на Неделата за подигнување на свеста за борбата против ракот на грлото на матката, што го организираа Македонското лекарско друштво и Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија.
Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство и претседателка на Комисијата за превенција на цервикален карцином, проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, речеа дека според последните податоци од клиничката студија изработена од Институтот за епидемиологија за период од 2016 до 2023, сѐуште овој превентибилен карцином кај нас претставува сериозен проблем, поради тоа што во тој период биле дијагностицирани 2.263 пациентки.
„Повеќе загрижува тоа што кај сѐ помлади пациентки се јавува. Најмладите пациентки се на 18-годишна возраст, дијагностицирани во 2017 и 2020 година и средната возраст е некаде 55 години. Втора работа која исто така загрижува е дека голем процент, односно 540 пациенти, тоа е речиси 24 отсто од овие пациентки починале, за жал, а се работи за карцином кој е превентибилен. Имаме примарна превенција. Нашата цел е да ја зголемиме свесноста кај јавноста“, рече проф.д-р Алексиоска-Папестиев.
Специјалистот-патолог и раководител на Цитолошката лабораторија на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Верди Станојевиќ, рече дека според податоците за 2025, од 60.000 ПАП тестови, 2.500 се со позитивен наод. Запрепастувачко е, рече, што имаат осум пациентки со инвазивен карцином.
„Значи, кога ќе откриете инвазивен карцином на ПАП тест тоа е значи многу напредна фаза. Тоа се пациенти кои веројатно долго време не биле на контрола“, додаде д-р Станојевиќ.
Б. НЕСТОРОСКА



