ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ПОМАГА ВО УЧЕЊЕТО, НО ГИ ПРАВИ УЧЕНИЦИТЕ МРЗЛИВИ, ВЕЛАТ НОВИ ИСТРАЖУВАЊА

    ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ПОМАГА ВО УЧЕЊЕТО, НО ГИ ПРАВИ УЧЕНИЦИТЕ МРЗЛИВИ, ВЕЛАТ НОВИ ИСТРАЖУВАЊАИстражувањата покажале дека учениците со пристап до модели на ВИ за општа намена постигнувале подобри резултати на задачите. (Фото: ДПА)

    Употребата на вештачка интелигенција (ВИ) во училиштата може да помогне при решавање задачи, но истовремено да го попречи учењето и да доведе до мрзеливост и незаинтересираност, вели Организацијата за економска соработка и развој (ОЕСР).

    Новите истражувања укажуваат оти разновидни модели на ВИ, како што е ЧетЏПТ можат да ги подобрат резултатите на учениците при извршување задачи, но не нужно и да доведат до напредок во учењето. Според Организацијата, постои несогласување меѓу успешното извршување задачи и вистинското учење. Истражувањата покажале дека учениците со пристап до модели на ВИ за општа намена постигнувале подобри резултати на задачите. Сепак, таа предност исчезнувала, а понекогаш дури и се претворала во недостаток, кога пристапот до алатките за ВИ бил укинат за време на испити.

    Кога учениците премногу се потпираат на ВИ, менталните процеси и напорот што ги претвораат одговорите во разбирање се намалуваат, се наведува во извештајот. Наспроти тоа, алатките за ВИ развиени специјално за образовни цели имаат тенденција да обезбедат трајни подобрувања во учењето. Организацијата додаде дека овие специјализирани алатки можат да им помогнат на наставниците почетници да го подобрат квалитетот на наставата и со тоа да ги унапредат резултатите од учењето кај учениците.

    ОЕСР советува примената на ВИ апликациите во училиштата да биде селективна и наменска, со цел да се збогати учењето, а не да се замени когнитивниот напор или да се ослабат човечките односи кои се во сржта на образованието.

    Се наведува и дека учењето и наставата првенствено треба да имаат за цел развој на вредни човечки знаења и вештини, како што се независното размислување и основните способности во сите предмети.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира