Федералните агенти кои вчера рано наутро во Минеаполис го соборија 37-годишниот Алекс Прети на земја му го одзедоа пиштолот што го носеше неколку моменти пред да го застрелаат неколку пати, според анализата на „Вашингтон пост“ на видеата што го снимија инцидентот од неколку агли. Прети поседувал дозвола за носење оружје.
„Полицајците се обидоа да го разоружаат ова лице, но вооружениот осомничен реагираше бурно“, изјави министерката за внатрешна безбедност Кристи Л. Ноем на прес-конференција. „Плашејќи се за својот живот и за животите на неговите колеги полицајци околу него, агент испука одбранбени истрели“.
Но, видеата од очевидци од местото на настанот, потврдени и прегледани од Ројтерс, го покажаа Прети, како држи телефон во раката, а не пиштол, додека се обидува да им помогне на другите демонстранти кои биле турнати на земја од агенти. На почетокот на видеата, Прети може да се види како снима како федерален агент турка една жена и турка друга жена на земја. Прети се движи помеѓу агентот и жените, а потоа ја крева левата рака за да се заштити додека агентот го прска со солзавец. Потоа неколку агенти го фаќаат Прети – кој се бори со нив – и го принудуваат да падне на колена. Додека агентите го држат Прети, некој извикува нешто што звучи како предупредување за присуство на пиштол. Потоа се појави видеоснимка на која се гледа како еден од агентите му зема пиштол на Прети и се оддалечува од групата со него. Неколку моменти подоцна, полицаец со пиштол вперен во грбот на Прети брзо испукува четири истрели во него, се гледа на снимката. Потоа се слушаат уште неколку истрели додека друг агент се чини дека пука во Прети. Агентите првично се повлекуваат од телото на Прети на патот. Некои агенти потоа се чини дека му нудат медицинска помош на Прети додека тој лежи на земја, додека други агенти ги спречуваат минувачите да пријдат. Не е јасни дали агентите кои пукаа знаеле дека претходно му е одземен пиштолот.
Прети е третото лице во последните недели кое беше застрелано, а второ кое беше убиено, од федерални агенти во Минеаполис, епицентарот на националните превирања предизвикани од имиграциската репресија на администрацијата на Трамп.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц, ги повтори повиците до службениците за спроведување на имиграцијата да го напуштат градот Минеаполис. Пишувајќи на платформата Икс, тој вели дека „Минесота верува во законот и редот. Ние веруваме во мирот. И веруваме дека Трамп треба да ги повлече своите 3.000 необучени агенти од Минесота пред да убијат уште еден Американец на улица“.



