Доналд Трамп изјави дека му рекол на Иран дека мора да направи две работи за да избегне воена акција, додека САД продолжуваат да го засилуваат своето воено присуство во Персискиот Залив.
„Број еден, нема нуклеарно. Број два, престанете да убивате демонстранти. Тие убија илјадници демонстранти. Имаме многу долги и многу моќни бродови кои пловат кон Иран и ќе биде одлично ако нема да треба да ги употребиме“, кажа Трамп.
Тој додаде дека планира да разговара со Иран, додека министерот за одбрана Пит Хегсет порача дека војската е спремна да го спроведе она што претседателот ќе одлучи.
Американски функционери велат дека Трамп ги разгледува своите опции, но засега не одлучил дали да го нападне Иран. Тензиите помеѓу САД и Иран се зголемија во последните недели по крвавото задушување на антивладините протести низ Иран, а Трамп исто така му порача на Техеран да склучи договор за својата нуклеарна програма што е можно побрзо.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи вчера изјави дека иранските вооружени сили се подготвени веднаш и силно да одговорат на каква било агресија од копно или море. Иран вели дека моментално не се водат никакви преговори со САД, и покрај размената на пораки.
Пристигнувањето на американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн“ и воените бродови за поддршка на Блиски Исток оваа недела ги прошири можностите на Трамп за преземање воена акција, откако тој постојано се закануваше со интервенција поради репресијата на Иран.



