УНЕСКО ЌЕ ОДЛУЧУВА ДАЛИ ОХРИД ДА ГО СТАВИ НА ЛИСТАТА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ, ЉУТКОВ ВЕЛИ МОРА ДА СЕ СПРЕМИМЕ НА СЀ

    УНЕСКО ЌЕ ОДЛУЧУВА ДАЛИ ОХРИД ДА ГО СТАВИ НА ЛИСТАТА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ, ЉУТКОВ ВЕЛИ МОРА ДА СЕ СПРЕМИМЕ НА СЀ„Сè може да се очекува и треба да бидеме подготвени на сè. Наша задача е да не биде тоа така и да направиме уште еден притисок да не се даде тоа дополнително“, кажа Љутков. (Фото: К. Попов)

    Испратен е извештајот од Македонија и Албанија до Центарот за светско наследство на УНЕСКО за преземените мерки за заштита на Охрид и Охридското Езеро. Охрид и Охридскиот Регион се под заштита на УНЕСКО, но поради загрозеноста од дивoградбите и уништувањето на природата, оваа организација лани го покрена прашањeто за ставање на Листата на светско наследство во опасност и даде рок од една година за исполнување на препораките. Од овој извештај сега зависи дали УНЕСКО ќе ја донесе таа одлука.

    „Мораме да се подготвуваме на сè“, вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

    Обвинителството на 28 јануари оформи предмет и врши предистрага во Општина Охрид, по добиениот извештај од Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој утврдил дека во Охрид има 4.847 дивоградби, меѓу кои згради и хотели, но и сомнително финансиско работење, отпишување долгови без знаење на општинскиот Совет, јавни набавки без тендери, чудни трампи на плацеви.

    На прашање дали во извештајот се земени во предвид наводите од Државниот завод за ревизија, Љутков рече дека ги земале сите податоци кои што им биле потребни од сите институции.

    „Значи, буквално од сите. Врз основа на тие податоци се направи извештајот и врз база на комуникацијата што ја имаме и со другата страна, и со Албанија. Во меѓувреме, формиравме и Кризен штаб за да ја кренеме целата ситуација на многу повисоко ниво. Тој Кризен штаб имаше два состаноци и од нив добивме мислење. Минатата недела во понеделникот, јас имав и состанок со Националната комисија за УНЕСКО каде што направивме мислење, го поминавме извештајот и во вторникот тој извештај помина и на Влада. Веднаш ги споивме двата после Влада, извештајот од македонската и албанската страна и веќе се испратени до УНЕСКО. Сега во овој период не ни останува нас ништо друго освен да го оправдаме тоа што сме го направиле до периодот до февруари“, рече Љутков после прес-конференцијата за Саемот за туризам – рурални домаќинства во Македонија и производители на органски производи во Скопје.

    УНЕСКО лани, на 47-та сесија на Комитетот за светско наследство во Париз, одлучи Охрид, сепак, да не биде ставен на Листата во опасност како и налоги годинава Македонија и Албанија да достават извештај за напредокот во спроведувањето на препораките.

    Извештајот треба да содржи конкретни заштитни мерки за природното и културното наследство, контрола на урбанистичкиот развој и крајбрежјето, функционална координација меѓу институциите и меѓудржавна соработка со Албанија кои се клучни за задржување на статусот на светско природно и културно наследство и за избегнување на впишување на регионот на Листата на светско наследство во опасност.

    Ако извештајот биде оценет како недоволен, Комитетот на УНЕСКО може повторно да го отвори прашањето за ставање на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност, што би значело засилен меѓународен надзор и дополнителни рестрикции.

    Следната сесија на УНЕСКО е во јуни во Јужна Кореја е тогаш се очекува одговорот од нивна страна.

    На прашањето што очекува од УНЕСКО, Љутков вели мораме да се подготвуваме на сè.

    „Значи сепак ова не е некој процес што ѝ се случува на оваа Влада или на овие министри, ова е процес којшто се случува наназад 30-тина години. Така што, мораме да земеме во обзир дека лани ни беше последната опомена. И ова што ни дадоа рок од седум месеци да завршиме некои постапки е јасен сигнал дека тие подготвуваат, а и се подготвува и претходно да влеземе на листата на опасност. Сè може да се очекува и треба да бидеме подготвени на сè. Наша задача е да не биде тоа така и да направиме уште еден притисок да не се даде тоа дополнително“, кажа Љутков.

    „Значи ние имавме период од седум месеци да го направиме тоа што треба да го направиме, но имаме сега уште пет месеци да го чекаме одговорот“, додаде министерот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира