КРАЈ ЗА „ЗАШТИТЕНИОТ БУЏЕТ“ НА ИНСТИТУЦИИТЕ АКО УСТАВНИОТ СУД ДОНЕСЕ ОДЛУКА ДА ЈА УКИНЕ ЗАШТИТАТА НА ДРЖАВАТА И ОПШТИНИТЕ ОД ИЗВРШИТЕЛИТЕ

    КРАЈ ЗА „ЗАШТИТЕНИОТ БУЏЕТ“ НА ИНСТИТУЦИИТЕ АКО УСТАВНИОТ СУД ДОНЕСЕ ОДЛУКА ДА ЈА УКИНЕ ЗАШТИТАТА НА ДРЖАВАТА И ОПШТИНИТЕ ОД ИЗВРШИТЕЛИТЕСудовите поставуваат лимит за т.н. заштитен буџет, под кој не смеат извршителите да им симнуваат од сметките на државните и општинските институции, односно, да не ги плаќаат долговите за извршените услуги, ако немаат вишок. (архивска фотографија)

    Вечното должење и неплаќање на државните и јавните институции за разни набавки, градби, реконструкции и за добиени услуги и друго, поради што помали бизниси ставале и клуч на врата, Уставниот суд го стави на маса.

    Судот отвори постапка за членовите од Законот за извршување кои на државните и на органите на општините им даваат можност со години да бидат должници, што им се вечна заштита пред суд. Не само што им даваат самоволие државните и општински органи да направат милијарда евра неисплатени долгови кон физички и правни лица, туку служат и за рекетирање на фирмите од страна на директорите на тие државни институции, според укажувачи

    „Дај 10 посто од долгот ако сакаш да те ставам на листа за исплата кога ќе легнат пари“, е уцената која им се кажува на бизнисмените што им продале мазут, лекови, разни материјали, што им граделе, уредувале, им продале или извршиле услуги, исполниле јавна набавка во државните и во органите на локалната самоуправа.

    Уставниот суд поведе постапка против членот 218 од Законот за извршување поради сомнеж за правна непредвидливост и неизвршување врз државни органи, општини и јавни претпријатија.

    Оспорениот Член 218 вели:

    (1) Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, ако тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.

    (2) Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.

    Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека одредбата е нејасна и непрецизна. Имено, Судот смета дека со ова законско решение Законодавецот воведува генерална и нејасна забрана за извршување на предмети и права, без притоа да се воспостават правни стандарди и да се прецизира кои се предметите и правата кои се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.

    Судот се сомнева дека со вака уредената норма, правосилните пресуди, извршните решенија кои ги имаат граѓаните, правните субјекти, во својство на доверители во постапките се само деклараторни, бидејќи во пракса не може да се извршат предмети или права, особено што не е јасно за какви предмети и права станува збор.

    За уставните судии е спорно и тоа како може претседател на суд да има дискреционо право да одлучи кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и да одредува под таа и таа сума, да не смее да се исплаќаат долгови на должници, зашто парите му се потребни на јавното претпријатие, на министерството, на болницата… за да функционира нормално.

    Судот изразува сомнеж дека одредбата создава правна непредвидливост и непосредно ја повредува правната сигурност на субјектот, што е во спротивност со уставното начело на владеење на правото уредено со членот 8 од Уставот.

    Пред Судот основано се постави и прашањето дека со ограничување на можноста за ефективно остварување на паричните побарувања, се задира и во уставно загарантираното право на сопственост, уредено со член 30 од Уставот.

    За подносителот на иницијативата, Николче Митевски спорен е само првиот став од членот 218, но во текот на седницата Судот одлучи по сопствена иницијатива да поведе постапка и за ставот 2 од Законот.

    „Во иницијативата, меѓу другото е наведен и пример од праксата на неможноста да се оствари правото на пензија на лице вработено во комунално претпријатие, на кое не му биле уплаќани придонеси, а има наполнето 15 години работен стаж. Имено, се тврди дека лицето со неисплатени придонеси за пензија добива правосилна судска пресуда во негова корист, но не може да наплати од комуналното претпријатие и извршителот не може да преземе извршни дејствија, токму поради непрецизноста на содржината на оспорената одредба“, наведуваат уставните судии.

    При носењето на оваа одредба Уставниот суд ќе го земе предвид правното дејство на одлуките, од евентуалното укинување или поништување и што тоа би значело за државните органи, јавните претпријатија и општините кои се соочуваат со извршувања и согласно тоа ќе цени каква ќе биде одлуката.

    По дојава на укажувач, САКАМДАКАЖАМ.МК пишуваше дека со злоупотреба на т.н. заштитен буџет, државните институции ги рекетираат приватните бизниси и не им ги плаќаат долговите.

    Судот поставува лимит за т.н. заштитен буџет, под кој не смеат извршителите да им симнуваат од сметките на државните и општинските институции, односно, да не ги плаќаат долговите, ако немаат вишок.

    Укажувачот беше управител на друштво за промет со фармацевтски производи, кој и покрај добиени пресуди не можеше да си ги наплати побарувањата од една скопска болница зашто Апелациониот суд Скопје ги штити државните институции на штета на бизнисот.

    Според податоци од бизнис-коморите, со помош на оваа алатка, државните и општинските институции на приватните фирми тогаш им должеше над пола милијарда евра.

    Не само што не си ги плаќаат долговите, туку бараат и мито ако решат да вратат дел од долг, кажа тогаш дојавувачот. Уценетиот сопственик на веледрогерија не можел да ја сними таа конверзација. Кажано му било дека кога ќе се плати готовината, другиот ден му ќе легне ратата на сметка.

    „Учествуваме преку јавните набавки пред сите јавни здравствени установи во Македонија, во болници и други јавни установи од областа на здравството, ама корупцијата има земено голем замав. Корупција за да ти ги исплатат доспеаните обврски! Болницата оди дотаму да се повикува на членот 218 од Законот за извршување, демек заштитен буџет, по предмет. Имам добиено повеќе судски, т.е. извршни предмети против болницата која ми должи, затоа што не се договарам за исплата на аванта (мито) од 10 отсто од сумата“, вели укажувачот.

    Укажувачот упатува на тоа дека по територијална надлежност, во неговиот случај претседателот на Основниот граѓански суд Скопје го одредувал тој заштитен буџет на болницата, а се чуди како ја одредувал сумата.

    Како долгогодишен претседател и граѓански судија, тогаш го прашавме судијата Илир Сулејмани за начинот на одредување на заштитниот буџет на јавните установи формирани од државата и општините и дали тука можеби има некаква нивна поврзаност со судот, како што се сомнева укажувачот.

    Наидовме на одговор дека Сулејмани како претседател имал дури 120 вратени решенија од Апелациониот суд Скопје, зашто застанал во одбрана на законот и на бизнисот, кој мора да си ги наплати долговите од овие должници кои се под капата на државата.

    „Како претседател на Основниот граѓански суд Скопје, барањата за определување лимит согласно член 218 од Законот за извршување, со решенија ги одбивав. Меѓутоа, постапувајќи по жалба на должниците, Апелациониот суд Скопје истите жалби ги усвојуваше и се задолжуваше претседателот на Основниот граѓански суд да определи минимум средства за функционирање, согласно членот 218 од Законот за извршување. Постапувајќи по упатствата и насоките на повисокиот суд, по вторпат, претседателот на понискиот суд ги усвојуваше барањата“, кажа тогаш судијата Сулејмани кој сега е во Апелациониот суд Скопје.

    Тој смета дека овој член 218 треба веднаш да се укине, поради фактот дека истиот член ги става во поповолна состојба државните органи, односно јавните претпријатија и создава, како што кажа уште пред две години, правна несигурност кај доверителите по однос на наплатата на побарувањата кога е во прашање државен орган, општина, јавни претпријатија основани од државата, односно од општините.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира