ОД ДЕНЕСКА СТАРТУВА „БЕЗБЕДЕН ГРАД“, СИСТЕМОТ ЌЕ КАЗНУВА ЗА БРЗИНА, ЦРВЕНО СВЕТЛО И ПАРКИРАЊЕ ВО СКОПЈЕ, КУМАНОВО И ТЕТОВО

    ОД ДЕНЕСКА СТАРТУВА „БЕЗБЕДЕН ГРАД“, СИСТЕМОТ ЌЕ КАЗНУВА ЗА БРЗИНА, ЦРВЕНО СВЕТЛО И ПАРКИРАЊЕ ВО СКОПЈЕ, КУМАНОВО И ТЕТОВОСпоред новите правила, за ограничувања до 50 километри на час, толеранцијата е поставена на 6 километри на час. (Фото: СДК.МК)

    Системот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци „Безбеден град“ од денеска официјално започнува со работа на територијата на Скопје, Куманово и Тетово, како и на патните правци од коридорите 8 и 10. Во оваа почетна фаза, камерите ќе детектираат четири типа прекршоци: возење со брзина поголема од дозволената, минување на црвено светло, непрописно паркирање и управување возило со истечена важност на сообраќајната дозвола.

    Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека овој систем не е воспоставен за да ги оштети граѓаните, туку неговата примарна цел е да спаси човечки животи преку зголемена дисциплина во сообраќајот. Тој кажа дека е донесен нов Правилник со кој се зголемува прагот на толеранција за брзината, со цел граѓаните да се уверат дека фокусот не е само на казнувањето.

    Според новите правила, за ограничувања до 50 километри на час, толеранцијата е поставена на 6 километри на час. На патиштата каде што ограничувањето е помеѓу 50 и 100 километри на час, камерите нема да евидентираат прекршок ако се вози до 9 километри на час над дозволеното. За брзини над 100 километри на час, дозволеното пречекорување изнесува 12 километри на час. Тошковски вели дека возачите кои ќе возат над дозволеното, но во рамките на овие толеранции, нема да добијат парична казна, туку МВР преку „Македонски телеком“ ќе им испраќа информативна СМС-порака како опомена за нивното однесување во сообраќајот.

    Висината на глобите за пречекорување на брзината зависи од степенот на прекршокот. За надминување до 20 километри на час казната е 20 евра, додека за пречекорување над 50 километри на час глобата изнесува 400 евра со забрана за управување возило од една година. Во населени места овие санкции можат да достигнат и 500 евра. За поминување на црвено светло е предвидена казна од 250 евра и одземање на дозволата до една година, а доколку прекршокот предизвика незгода, следува и кривична одговорност.

    Во однос на сообраќајните дозволи, возачот ќе биде казнет со 100 евра ако документот е истечен, додека сопственикот на возилото ќе треба да плати 250 евра. Непрописното паркирање ќе се санкционира со 30 до 50 евра, во зависност од тоа дали возилото го попречува нормалниот проток на сообраќајот или е оставено на место наменето за лица со попреченост.

    Од МВР потсетуваат дека доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа само половина од износот. По овој рок, износот се плаќа целосно, со можност за присилна наплата. Системот е поставен да биде неселективен, а строги правила се предвидени за оние кои често ги кршат прописите. Возач кој ќе собере три забрани за управување во рок од четири години автоматски ќе ја изгуби возачката дозвола и ќе може повторно да полага по пауза од најмалку една година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира