ЦЕЛТА Е РЕЗУЛТАТ, НЕ САМО ПЛАСМАН, ВЕЛАТ МАКЕДОНСКИТЕ СКИЈАЧИ ПРЕД ЗИМСКАТА ОЛИМПИЈАДА ВО МИЛАНО И КОРТИНА

    ЦЕЛТА Е РЕЗУЛТАТ, НЕ САМО ПЛАСМАН, ВЕЛАТ МАКЕДОНСКИТЕ СКИЈАЧИ ПРЕД ЗИМСКАТА ОЛИМПИЈАДА ВО МИЛАНО И КОРТИНАМакедонија за првпат ќе има четворица претставници на една зимска олимпијада, по двајца во алпско и во нордиско скијање (Фото: СДК.МК)

    Да се постигне резултат, а не само пласман, посакаа од македонската скијачка репрезентација пред почетокот на 25. Зимски олимписки игри во Милано и Кортина, кои се отвораат на 6 февруари. Македонија за првпат ќе има четворица претставници на една зимска олимпијада, по двајца во алпско и во нордиско скијање, при што, како што кажаа од Македонскиот олимписки комитет (МОК), сите се со олимписка норма, а не само квота.

    Сите тие бележат фантастични резултати. Сепак, Македонија не е скијачка нација, ние сме повеќе јужна земја, меѓутоа по број и по квалитет на учесниците сме подобри од целиот околен регион, што е уште еден куриозитет“, рече претседателот на МОК, Даниел Димевски.

    Македонија ќе ја претставуваат Јана Атанасовска и Мирко Лазарески во слалом и велеслалом (алпско скијање) и Ана Цветановска и Ставре Јада во нордиско скијање во дисциплините спринт и интервал старт 10 километри. Ова ќе биде трета олимпијада по ред за Јада, а Цветановска исто така учествуваше на претходните ЗОИ во Пекинг во 2022. Атанасовска и Лазарески ќе дебитираат на олимписката сцена.

    Со 19 години, Атанасовска е најмладата во овој тим.

    За мене, Олимписките игри не се само остварување на сон на едно мало девојче, туку и голем чекор за мојата спортска кариера“, рече Атанасовска, чија посилна страна е слаломот.

    Лазарески сигурно ќе вози велеслалом, додека во текот на ЗОИ ќе дознае дали ќе влезе во квотата за слалом.

    Одам на оваа олимпијада за да го остварам најдобриот резултат што еден наш нордиец го постигнал досега. Ќе настапам на две трки, за што се спремавме цела година. Се надевам дека ќе бидам рамо до рамо со најдобрите“, кажа Јада.

    Првиот настап на македонските олимпијци е на 10 февруари, кога е трката на 10 километри.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира