Доналд Трамп кажа дека постигнал трговски договор со Индија, според кој американските царини за индиски стоки ќе бидат намалени од 50% на 18%, а Индија ќе престане да купува руска нафта. Трамп го објави договорот по телефонски разговор со индискиот премиер Нарендра Моди, истакнувајќи дека Индија отсега ќе купува нафта од САД и можеби од Венецуела.
Функционер од Белата куќа изјави дека САД ќе ја укинат казнената царина од 25% за целиот увоз од Индија воведена поради тоа што таа купуваше руска нафта.
„Моди, исто така, ја обврза Индија да купува американски производи на многу повисоко ниво, покрај тоа што ќе купува американски енергенси во вредност од над 500 милијарди долари, технологија, земјоделски и други производи. Тие исто така ќе продолжат со намалување на нивните царини и нецарински бариери за САД на нула“, кажа Трамп.
Тој не даде детали кога ќе почнат да се применуваат пониските царини и од кога Индија треба да престане да купува руска нафта.
Минатиот август, Трамп ги удвои царините за увоз од Индија на 50% за да изврши притисок врз неа да престане да купува руска нафта, а претходно овој месец изјави дека стапката би можела повторно да се зголеми. Кина, Индија и Турција се некои од најголемите увозници на руските нафта и гас и западните земји велат дека Русија со овие приходи ја финансира својата војна против Украина.



