Преку продажната мрежа на „Лидл“ лани биле извезени македонски производи во вредност од 15,5 милиони евра, соопшти компанијата, која додава дека претставува голем раст, во споредба со пет милиони евра извоз во 2024 и 570.000 евра во 2023 година.
Најголем интерес на странските пазари имало за трпезното грозје, од кое биле реализирани приходи од 3,3 милиони евра, со најголем пласман во Полска. Извозот на јагнешко месо во Бугарија донесе прилив од 2,2 милиони евра.
„Дека свежото овошје и зеленчук се еден од домашните извозни адути покажа податокот според кој од вкупниот износ од 15,5 милиони евра, минатата година беше реализиран извоз од 5 милиони евра. Преку мрежата на ‘Лидл‘ се извезени 15 вида земјоделски култури од преку десет добавувачи. Петте најизвезувани производи беа грозје, зелка, пиперка, морков и домат, кои одлично поминаа во Бугарија, Германија, Романија, Полска, Словачка, Србија, Чешка и други земји“, објави компанијата.
Во рамките на редовниот извоз од седум милиони евра доминираа конзервираните производи, со остварени продажби од 5,8 милиони евра, по што следуваат кондиторските и млечните производи, виното и пијалаците.
„Постои голем потенцијал за извоз на македонските производи. За нас во ‘Лидл‘ е успех што можеме да ги поддржиме и да бидеме мост за македонските производи кон европските пазари. Постојано соработуваме со производители од земјава и сме особено горди што на десетици компании можеме да им помогнеме во процесите на сертификација, зголемување и унапредување на капацитетите за производство и да овозможиме извоз на европските пазари“ изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на „Лидл Северна Македонија“.
Преку иницијативата „Македонска недела“, „Лидл“ во претходните две години организираше 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со понуда на над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи.



