ПАЦИЕНТИТЕ ЕЛЕКТРОНСКИ ЌЕ ЈА ГЛЕДААТ ЛИСТАТА НА ЧЕКАЊЕ ЗА ХИРУРШКИ ОПЕРАЦИИ, АЛИУ ВЕЛИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИСКОРЕНИ ФАЌАЊЕТО ВРСКИ, НО МОРА ДА СЕ ПОЧНЕ ОД НЕКАДЕ

    ПАЦИЕНТИТЕ ЕЛЕКТРОНСКИ ЌЕ ЈА ГЛЕДААТ ЛИСТАТА НА ЧЕКАЊЕ ЗА ХИРУРШКИ ОПЕРАЦИИ, АЛИУ ВЕЛИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИСКОРЕНИ ФАЌАЊЕТО ВРСКИ, НО МОРА ДА СЕ ПОЧНЕ ОД НЕКАДЕРезултатот од анализата за 2025 покажува значителна разлика меѓу реализираните упати кои биле 58.648, а реализирани операции имало 93.510, што укажува дека не се почитувала законската обврска да се издава специфичен упат за операција. (Фото: К. Попов )

    Порталот Operacii.zdravstvo.gov.mk е модулот за електронска евиденција за елективни хируршки интервенции во јавните здравствени установи, со кој ќе се следат листите на чекање, а  секој пациент ќе биде третиран по принципот „прв дојден, прв услужен“, најавија денеска министерот за здравство Азир Алиу и Жаклина Чагоровска од Управата за електронско здравство „Мој термин“.

    На новинарско прашање дали тоа значи дека веќе нема да се фаќаат врски за хирушки интервенции, Алиу рече:

    „Да, дефинитивно. Со овој редослед, ќе имаме увид во тоа што се случува со одредена институција каде што има потреба од здравствена заштита или здравствена услуга. Не сум сигурен дали моментот на ‘Познавам некого, па ќе одам преку ред’  може целосно да се отстрани. Сепак, нашите колеги и ИТ секторот се многу креативни, работиме на понатамошни креативни решенија. Но, ова ни беше многу важно и моравме да почнаме од некаде“.

    Досега, евиденцијата на елективни хируршки интервенции се водеше во системот „Мој термин“ преку издавање упат за операција. Но според министерот, утврдени се голем број недостатоци во системот, како на пример дека упатите не се издаваат веднаш при утврдување на потребата за операција, туку пред самата интервенција.

    „Потоа, дел од установите и лекарите користат друг тип на упат за евиденција на пациентите на листата, а лекарите листите ги водат во хартиена форма. Листите на чекање не се прочистени и така се создава неточна перцепција за времето на чекање и реалните потреби на пациентите. Резултатот од анализата за 2025 покажува значителна разлика меѓу реализираните упати кои биле 58.648, а реализирани операции имало 93.510. Тоа укажува дека не се почитувала законската обврска да се издава специфичен упат за операција“, рече министерот.

    Новиот модул за пациентите ќе овозможи пребарување и приказ преку повеќе комбинирани параметри. Корисниците на јавниот портал може да пребаруваат по следните клучни филтри: „специјалност на лекар“, „хируршка интервенција“, „јавна здравствена установа“, „лекар специјалист“, „број на пациенти кои чекаат“ итн.

    „Идејата е транспарентноста, да знаеме во одредена здравствена институција колкава е листата на чекање за одредена здравствена услуга или одреден доктор. Досега тоа не беше така, поради тоа што листата на чекање беше водена во хартиена форма. Што значи дека може да има злоупотреба. А со системот нема да има, и ќе знаеме автоматски кога сме ние на ред. Интервентните услуги и итните услуги нормално дека нема да чекаат, туку итната интервенција ќе се реализира истиот ден“, кажа министерот.

    На прашањето како ќе бидат отстранети од листата оние пациенти кои отишле на приватно, вели дека во моментот кога граѓанинот ќе одлучи да не чека на листата на чекање, туку да оди приватно,  тој автоматски веќе нема да биде дел од овој систем и системот ќе се ажурира автоматски. На секои 24 часа податоците се ажурираат. Тоа значи дека листата на чекање не е фиксна, туку се ажурира секој ден.

    „Со тоа, секој ден ќе знаеме дали се зголемува или намалува. Но, од друга страна, што е многу важно, ќе знаеме кој е пред нас и кој е по нас. Бројките, како што видовте, покажуваат огромна разлика помеѓу упатите и здравствените услуги, и се надевам дека по ова таа ќе биде помала“, рече Алиу.

    Секоја установа, рече Чагоровска, преку своите администратори или директно преку лекарите, исто има можност и има обврска, всушност, да ги проверува листите на чекање.

    „Процесот започнува со давање на упат од лекар хирург. Тој упат е специфичен во системот постои како тип на упат ‘упат за хируршка интервенција’ и според него ние ги правиме листите. За појаснување дека секој упат, како и овој болнички упат, во себе содржи еден број. Тој за нас е многу важен. Се наоѓа горе лево на упатот и според овој број, кој е уникатен и не покажува никакви лични податоци, всушност се креира листата. Според овој број, секој може да си го пронајде своето место во листата на чекање кај лекарот. И надолу ги содржи сите останати податоци, односно се пишува операцијата, називот на операцијата и овој тип на упат, реков, влегува како таков во системот и преку него се следат понатаму листите на чекање. Исто, ќе нагласам дека и во законот е така, листите на чекање се водат по лекар. Значи, лекарот директно кој ја организира, всушност ја закажува операцијата, секој лекар има своја листа на чекање за секоја интервенција поединечно“, образложи Чагоровска.

    На новинарско прашање како ќе се регулира дополнителната дејност на хирурзите, односно кои не оперираат во работно време бидејќи нема термин, а за на приватно има термини, Чагоровска рече дека и до Управата за електронско здравство и до Министерството, стигнуваат жалби дека пациентите се закажуваат за дополнителни термини и им се кажува усно дека има листа на чекање.

    „Досега не беше никој во можност од граѓаните да провери дали навистина тој лекар има листа на чекање и навистина толку многу треба да се чека. Сега го даваме на увид и може секој да провери на овој начин. Ние, секако во соработка со Инспекторатот и со Фондот, контролорите, сме имале вакви случаи каде што се проверувале овие податоци и тие исто имаат пристап на листа во која можат да видат навистина, и таму одат директно во установите да проверат дали е вистина. Со дополнителната дејност да, и тие се задолжени да водат во системот, но нема многу установи кои работат дополнителна дејност. И од податоците кои ги побаравме, кои ги коментираше и министерот, ние им побаравме колку интервенции имаат извршено во дополнителна дејност, не се тоа голем број и не се тоа многу установи. Иако постојат, да, и сега се целото време предмет на регулација. Од тоа што знам е дека во законот, измените кои ќе следат понатаму во законот, ќе се доуредува и оваа област, иако и сега е уредена и би требало на тој начин да се донесе“, кажа Чагоровска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира