Најбезбедна патека по која би се движела гондолата на Пелистер би била од подпелистерското село Цапари преку Широка до врвот Антена (2.602 мнв), предложија странските експерти вклучени во изработката на физибилити-студијата. Експертите од Словенија, Франција и Андора, Франц Фурлани, Винсент Тасар, Филипе Бертхет-Рамбод и Марк Пастор, денеска во Битола ги презентираа потенцијалните концепти за гондолата.
„Постојат три потенцијални траси од Цапари, од Трново со меѓустаница кај хотелот ‘Молика’ и од Ниже Поле. Ова ќе биде голема жичница во однос на должината и капацитетот, сериозен инфраструктурен објект. Технички можат да се направат сите три варијанти. Но, поради климатските услови, силниот ветер на врвот, мразот и ниските температури, ако поаѓа од Ниже Поле, многу денови не би работела. Од аспект на безбедноста, за најсоодветна ја сметаме трасата од Цапари“, рекоа експертите.
Ако гондолата се движи со брзина од 7 метри во секунда, од Цапари до врвот би се стигнувало за 16 минути и 20 секунди, од Трново со меѓустаница за 22 минути, а од Ниже Поле за 12 минути и 40 секунди.
Експертите предложија изградба на кабинска гондола, каде една кабина би имала капацитет од 70 патници, како и кабинска жичница со по 10 лица во кабина.
„Предноста кај кабинската гондола се малкуте столбови, а со тоа и малото влијание врз природата. Има капацитет да пренесе 1.000 посетители на час. Тоа е кабина по примерот на центарот Шамони (Мон Блан, Франција) за 77 лица. Оваа технологија овозможува возење и во услови на ветер и обезбедува висока стабилност“, рекоа експертите.
Кабинската жичница со кабини за 10 лица ќе превезува 700 посетители на час и ќе се движи со брзина од 7 метри во секунда, но ќе има столбови на растојание од 100 до 200 метри.
Иван Чулакоски од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, кој пред две години го даде предлогот во Советот за изградба на гондола, рече дека првично трасата од Цапари не била ни спомната, бидејќи идејата била поврзување на градот со подпелистерските села и со веќе постоечките капацитети – скијачкиот центар, хотелот „Молика“, Детското одморалиште, адреналинскиот парк, зип-линијата, а потоа продолжување кон врвот.
Директорот на Националниот парк, Иванчо Тошевски, рече дека треба да се најде совршено решение кое ќе значи и заштита на планината и развој на туризмот.
„Не смееме да заборавиме дека Баба Планина и Пелистер и понатаму остануваат единствениот снабдувач со свеж воздух за Пелагонија и Преспа, но и со вода. Во делот на димензионирањето на жичницата, мора да се земе предвид дека целиот тој екосистем има ограничувања за тоа колкав товар може да поднесе“, рече Тошевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



