Лицето на ангел на реставрирана црковна фреска во Рим, кое предизвика гнев поради сличноста со италијанската премиерка Џорџа Мелони, е грубо избришано од уметникот кој го насликал. Црковни и владини претставници започнаа истрага откако слики од ангел во базиликата „Сан Лоренцо“ покажаа дека неговото реставрирано лице наликува на десничарската лидерка Мелони. Уметникот Бруно Валентинети првично го негираше ова, но вчера призна дека навистина станува збор за лицето на премиерката. Сепак, тој инсистираше дека е слично на оригиналот.
Осумдесет и тригодишниот Валентинети изјави за „Ла Република“ дека од Ватикан му било наредено да ја покрие сликата.

Базиликата „Сан Лоренцо“,доживеа прилив на љубопитни посетители кои сакаа да ја видат фреската (Фото: Гети)
Оригиналните црти на лицето ќе бидат обновени, соопшти канцеларијата на Римската бискупија по острата изјава на римскиот кардинал Балдасаре Реина. Изразувајќи го своето разочарување од она што се случи, Реина рече дека „сликите на светата уметност и христијанската традиција не можат да бидат злоупотребени или експлоатирани“.
Базиликата „Сан Лоренцо“, која е на пет минути пешачење од канцеларијата на Мелони во срцето на Рим, доживеа прилив на љубопитни посетители кои сакаа да ја видат сега озлогласената фреска. Таа е една од најстарите цркви во Рим и содржи дела од барокните мајстори Џан Лоренцо Бернини и Гвидо Рени.
Парохискиот свештеник Даниеле Микелети изјави дека декорациите во капелата неодамна биле обновени поради оштетувања предизвикани од влага. Тој вели дека оригиналните слики се од 2000 година и затоа не се под посебна државна заштита како културно наследство.



