Доналд Трамп изјави дека го видел само почетокот на видеото во кое Барак и Мишел Обама се прикажани како мајмуни, пред службеник на Белата куќа да го објави на социјалната мрежа Трут соушл. Видеото во меѓувреме беше тргнато од профилот на Трамп.
Тој се правдаше дека не направил грешка, тврдејќи дека не знаел дека видеото содржи расистички приказ на Барак и Мишел Обама.
„Гледам илјадници работи. Гледав само дел од видеото и ми се допадна пораката за изборната измама. Доколку мојот персонал го гледаше целото видео, веројатно ќе го отстранеше. Го тргнавме веднаш штом дознавме за тоа“, рече Трамп.

Клипот бил преземен од објава на Икс што ја споделил конзервативниот креатор на содржини Ксеријас во октомври (Фото: Трут соушл)
Барак и Мишел Обама досега не се огласија со коментар. Тие се дел од видео долго 62 секунди кое содржи тврдења за измама на претседателските избори во 2020, при што уште неколку познати демократи се прикажани како животни, како бившиот претседател Џо Бајден, конгресменката Александра Окасио-Кортес, градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани и бившата државна секретарка Хилари Клинтон.
Белата куќа во прв момент го бранеше клипот како „интернет меме“ и им порача да критичарите да престанат со лажниот гнев, но по жестоките реакции и од некои републиканци соопшти дека еден службеник по грешка го објавил.
Клипот се чини бил преземен од објава на Икс што ја споделил конзервативниот креатор на содржини Ксеријас во октомври. Републиканскиот сенатор Тим Скот, кој е црнец, го опиша видеото како „најрасистичка работа која излегла од Белата куќа“.



