Триесетина жители на Општина Тетово кои во периодот 2020-2025 година работеле во странство, а на кои сега Управата за јавни приходи (УЈП) им бара да гo платат данокот на приход, повторно протестираа пред седиштето на оваа институција. Тие, по четврти пат, побараа средба со директорката на УЈП за, како што рекоа, да им се објаснат работите и да се најде решение за нивниот проблем.
„Протестираме за да најдеме решение. Веќе четири пати протестираме и бараме да оствариме контакт со директорката на УЈП, за да ни го интерпретира законот. Ќе продолжиме со протестите се додека не ги добиеме нашите права. Не сакаме да ги плаќаме даноците и да ја плаќаме грешката на УЈП“, изјави Бесир Абдулахи.
За разлика од работниците кои работеле во странство од Тетово, тие од Куманово веќе имале средба со УЈП и постигнале некаков договор. Тетовските работници, како што велат, никој не ги повикал на таа средба и затоа сега протестираат.
„Таму беше само група од Куманово, но од нашата група никој не беше повикан. Затоа, бараме средба со УЈП за да знаеме што понатаму да правиме, кои документи треба да ги доставиме на УЈП за конечно да се затвори овој случај. Ние баравме средба со директорката на УЈП и сега чекаме да нè повика“, вели Фарис Бајрами.
Додека траеше протестот, улицата каде се наоѓа УЈП која е во зградата на Општина Тетово беше блокирана од полицијата и не се дозволуваше поминување на возила.
З. АНДОНОВ



