Норвешкиот биатлонец Стурла Холм Легреид освои бронза на Зимската олимпијада во Милано и Кортина и потоа призна во живо на телевизија дека ја изневерил својата девојка. Дваесет и осумгодишниот Легреид, кој беше трет на трката на 20 километри, призна дека имал љубовна афера пред три месеци и го опиша тоа како негова најголема грешка.
„Има некој со кого сакав да го споделам тоа, а можеби не гледа. Пред шест месеци ја запознав љубовта на мојот живот, најубавата и најљубезна личност на светот. Пред три месеци ја направив мојата најголема грешка и ја изневерив. Го имав златниот медал во животот и сигурен сум дека има многу луѓе кои ќе ги гледаат работите поинаку, но јас имам очи само за неа. Спортот ми е на второ место во последните неколку дена. Да, би сакал да можам да го споделам ова со неа“, изјави расплаканиот Легреид за норвешкиот државен радиодифузер НРК.
Тој кажа дека пред една недела ѝ признал што направил и додаде дека сака да ги исправи работите.
„Се надевам дека сè уште може да ме сака. Немам што да изгубам. Сакам да бидам добар пример, но морам да признам кога правам грешки“, рече Легреид.
Седумкратниот светски шампион го освои својот прв олимписки медал во поединечна конкуренција, откако пред четири години се закити со злато во штафета. Но, место да слави по трката, тој беше вознемирен, плачеше и се прегрнуваше со пријателите.
