Оскаровката Мишел Јео синоќа со многу емоции и овации ја прими почесната Златна мечка за животно дело на отворањето на 76. издание на Берлинале.
„Ве молам, дозволете ми да уживам во овој интимен момент. Еден дел од мене сè уште е онаа млада девојка која само сакаше да ги направи горди своите родители. Сега мислам на нив, на многу тивката вера што ја имаа во мене, дури и кога јас самата не бев секогаш сигурна во себе“, рече 63-годишната актерка.
Јео доби Оскар за најдобра актерка во 2023 за „Сè секаде одеднаш“. Почна да глуми во 1980-тите во азиски акциони филмови, а светска слава стекна со ролјите во филмот за Џејмс Бонд од 1997 „Утрешнината никогаш не умира“ и „Клекнат тигар, скриен змеј“ на Анг Ли од 2000 .
„Мојот татко повеќе не е тука за да го види овој момент. Но, јас го носам со себе. Неговата дисциплина, неговата стабилност, неговото верување дека ако нешто вреди да се направи, вреди да се направи добро. Да можеше да ме види како стојам тука вечерва држејќи ја оваа Златна мечка, знам дека ќе се насмевнеше“, рече малезиската актерка, а публиката ја поздрави со стоечки овации.
Берлинале почна синоќа со „Нема добри луѓе“ на авганистанската режисерка Шахрбану Садат, а ќе трае до 22 февруари.



