Околу четири илјади монети се подготвуваат да бидат дел од постојаната нумизматичка поставка на Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје. Зад секоја од нив стои долготраен и внимателен процес на конзервација, бидејќи, како што велат конзерваторите, ниту една монета не е иста. Кустос-советникот за средновековна нумизматика Трајан Зафировски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека во нумизматика ќе бидат изложени 4.000 монети, а поставката ќе ги опфати од првото монетоковање во Европа.
Првите пари се викале електрум и се појавиле пред околу 2.600 год. во кралство именувано Лидија кое се наоѓало на брегот на Егејското и Црното Море, лоцирано во денешна Турција. Парите биле изработувани од злато и сребро, и на почетокот на нив немало цртеж, но подоцна на едната страна почнало да се сликаат животни.

На нумизматичката поставка работат и Сања Битрак, кустос-советничка за античка нумизматика и Перо Јосифовски, исто така кустоссоветник за античка нумизматика, како и графички дизајнери, фотографи и архитекти. (Фото: К. Попов)
После 100 години, парите се појавиле и кај нас на територијата на Македонија, а во тој период тука живееле повеќе локални племиња, меѓу кои и Пајонците. На почетокот нивните монети биле ковани само од сребро (и од повеќе пајонски племиња и заедници). На парите биле претставени сцени на животни како на пример говедо, јарец, бик, коњ, потоа квадрат, кантарос (чаша за вино), боговите Аполон, Атена, Дионис, Зевс, јунакот Херакле.
„Ние сме првите во Европа, заедно покрај територијата на Грција, што сме монетаризирани. Ние имаме непрекината монетаризација 2.600 години. Никој не може да се пофали со тоа што ние го имаме. И така ќе биде, хронолошки ќе тргнеме од тие монети. Од првите монети што се изработени, тие се на пајонските племиња, тие се декадрахми. Тежат по 40 грама и се користеле за да платат данок на Персија. Не биле за размена. Подоцна доаѓаат помалите монети и се први монети за размена, за трговија, тие се со многу помала грамажа. Од 40 грама ќе паднат на 1 грам. Хронолошки ќе почнува од Пајонија, Античка Македонија, Рим, Византија, Србија, Османлиска Империја. Целото монетоковање од 2.600 години ќе биде опфатено во овие витрини. Ќе биде импресивно да се видат поставките“, вели Зафировски.

Зад секоја стои долготраен и внимателен процес на конзервација, бидејќи, како што велат конзерваторите, ниту една монета не е иста. (Фото: К. Попов)
Во просторот ќе има и информативни табли кои ќе ги објаснуваат периодите. Директорката на Музејот, Магдалена Манаскова, вели дека на нумизматичката поставка работат и Сања Битрак, кустос-советничка за античка нумизматика и Перо Јосифовски, исто така кустос-советник за античка нумизматика, како и графички дизајнери, фотографи и архитекти.
Емилија Димковска, виша конзерваторка за метални археолошки предмети во Археолошкиот музеј, ни рече дека секоја монета си има своја приказна, свои проблеми и свој начин на третирање. Објаснувајќи ја постапката за конзервација, таа вели дека археолошкиот материјал, по завршувањето на теренските истражувања, пристигнува во музејот каде што се распределува по специјализирани лаборатории. Тимот е составен од конзерватори за метал, стакло, керамика, коска и други материјали, а за секој предмет се подготвува соодветна документација. По прибавувањето на сите потребни дозволи, започнува процесот на конзервација.

Емилија Димковска вели дека секоја монета си има своја приказна, свои проблеми и свој начин на третирање. (Фото: К. Попов)
Димковска објаснува дека при конзервацијата на металните предмети најважно е да се почитуваат етичките принципи.
„Првиот чекор е детална анализа на оштетувањата и проблематиката на предметот. Чистењето секогаш се изведува механички, без употреба на хемиски раствори. Хемијата ја користиме дури во завршната фаза, при стабилизација и консолидација“, вели таа.
Иако на прв поглед изгледаат слично, монетите значително се разликуваат во зависност од периодот, локалитетот и почвата во која биле пронајдени. Во антиката, според Димковска, мајсторите користеле висококвалитетни легури, поради што денес тие монети често имаат убава, благородна патина и минимални корозивни оштетувања. За разлика од тоа, во средниот век, поради послабата економска состојба, се користеле полоши легури, што создава поголеми проблеми при конзервацијата.
„Антиката е период со најквалитетна обработка на металот. Тие мајстори биле вистински волшебници“, нагласува таа, додавајќи дека најоштетени се предметите пронајдени на локалитети каде денес се обработува земја и се користат пестициди.

Со ваквиот внимателен и стручен пристап, велат конзерваторите, монетите не само што се зачувуваат во автентична состојба, туку стануваат сведоштво за историјата што ќе им служи на идните генерации. (Фото: К. Попов)
Процесот на конзервација, од документација до подготовка за изложување во витрина, може да трае и до два дена за најкомплексните примероци. Завршната фаза вклучува нанесување заштитни слоеви и лакови, а во договор со кустосите се одлучува дали монетата ќе има мат или сјаен изглед.
Како еден од највпечатливите примери од својата работа, Димковска ја издвојува античка бронзена монета со ликот на Фаустина.
„Имаше исклучително ретка и убава темносина, речиси црна благородна патина, мазна и со изглед на полирана површина – една од најубавите што бронзата може да ги создаде“, вели таа.
Со ваквиот внимателен и стручен пристап, велат конзерваторите, монетите не само што се зачувуваат во автентична состојба, туку стануваат сведоштво за историјата што ќе им служи на идните генерации.
Б. НЕСТОРОСКА



