СТАРИОТ СВЕТ Е МИНАТО, ЗАПОЧНА НОВА ЕРА ВО ГЕОПОЛИТИКАТА, КАЖА РУБИО ПРЕД МИНХЕНСКАТА КОНФЕРЕНЦИЈА

    СТАРИОТ СВЕТ Е МИНАТО, ЗАПОЧНА НОВА ЕРА ВО ГЕОПОЛИТИКАТА, КАЖА РУБИО ПРЕД МИНХЕНСКАТА КОНФЕРЕНЦИЈАРубио настапи со потопол и попомирлив тон од Венс лани (Фото: АП)

    Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека трансатлантските односи се соочуваат со дефинирачки момент и влегуваат во нова ера, во пресрет на неговиот говор на тридневната Минхенска безбедносна конференција, која почна денеска. На истиот собир пред една година, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс жестоко ги нападна европските сојузници и најави големи промени во меѓународниот поредок.

    Рубио ќе ја предводи американската делегација на првиот голем светски настан откако Доналд Трамп се закани дека ќе го анектира Гренланд. Емануел Макрон порача дека Европа мора да се подготви за независност од САД, додека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, нагласи дека трансатлантските врски се блиски и важни како и секогаш.

    „Светот се менува многу брзо пред нашите очи. Стариот свет, оној во кој пораснавме, е минато. Живееме во нова ера на геополитиката и ќе бара од сите нас да преиспитаме како изгледа тоа и каква ќе биде нашата улога“, рече Рубио.

    Околу 50 светски лидери ќе присуствуваат на конференцијата, на која ќе се дискутира за европската одбрана и за иднината на трансатлантските односи во време кога американските обврски кон НАТО се доведени во прашање. Рубио, сепак, настапи со потопол и попомирлив тон од Венс, кој лани најави оддалечување на САД од Европа.

    „САД се длабоко поврзани со Европа, нашата иднина отсекогаш била поврзана и ќе продолжи да биде. Значи, само треба да разговараме за тоа како ќе изгледа таа иднина“, кажа Рубио.

    Трансатлантските односи, кои секогаш биле во фокусот на Минхенската конференција, се соочуваат со зголемен притисок по воведувањето на царини од страна на Доналд Трамп и сугестијата во американската Стратегија за национална безбедност дека европските нации можеби нема да останат „сигурни сојузници“ на долг рок.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира