ЕВАКУИРАНИ НАД 180 ЛИЦА ОД ПОПЛАВЕНИ КУЌИ ВО КИЧЕВО, ПОПЛАВИ ИМА И ВО СКОПЈЕ И ГОСТИВАР

    ЕВАКУИРАНИ НАД 180 ЛИЦА ОД ПОПЛАВЕНИ КУЌИ ВО КИЧЕВО, ПОПЛАВИ ИМА И ВО СКОПЈЕ И ГОСТИВАРВо Скопксо се поплавени куќи во селата Идризово, Зелениково, Буковиќ и населбата Радишани. (Фото: ЦУК)

    Поради поплави од обилните врнежи од дожд, евакуирани се околу 180 лица во Кичево, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“, соопшти Центарот за управуавање со кризи (ЦУК) за состојбата по обилните врнежи од дожд до 12:30 часот.

    Во текот на ноќта, обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на Зајашка Река на улица Прилепска во Кичево, каде што се зафатени повеќе куќи. Регистрирано е и заезерување на улицата 29 Ноември во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби. Известени се градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

    „Во 10 часот раководителот на Регионалниот ЦУК – Кичево одржа состанок во Општина Кичево, по што беше организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје се упатени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош. Според досегашните информации, нема животнозагрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи“, велат од ЦУК.

    За состојбата во Скопскиот Регион, од ЦУК велат дека во текот на претпладневните часови, преку бројот 112 се примени повеќе пријави од граѓани. Пријавени се поплавени дворни места во село Идризово (Општина Гази Баба), поплавувања во село Буковиќ (Општина Сарај), поплавено дворно место и подрум во село Зелениково (Општина Зелениково), поплавено дворно место во населба Радишани (Општина Бутел). Сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците.

    Од ЦУК соопштија дека директорот  Мухамед Али, заедно со градоначалникот на Општина Сарај, Мухамед Елмази и министрите Беким Сали, Мухамед Хоџа и Зекерија Бериша се на терен во Општина Сарај, поточно кај селата Буковиќ и Семениште, каде непосредно ја следат состојбата по обилните врнежи од дожд и ја координираат целокупната институционална реакција за справување со последиците од поплавите.

    По пријавите за поплавени куќи, ЦУК веднаш ги активираше сите надлежни служби и обезбеди целосна координација на терен. Екипи од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и Тетово вршат испумпување на водата од поплавените објекти и расчистување на критичните точки, додека скопското ЈП „Водовод и канализација“ стабилизираат и прочистуваат канализациската мрежа за да се спречат дополнителни излевања. Паралелно, ДЗС ја проценува штетата и обезбедува логистичка и техничка поддршка во тесна координација со локалните структури. Надлежните служби остануваат на терен сè додека состојбата целосно не се стабилизира, велат од ЦУК.

    Преку бројот 112 е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово -село Џермо, поради што патот е блокиран за сообраќај. Известени се РЦУК Тетово, ЈКП „Тетово“ и полицијата. Од 07:45 часот на патот Тетово-Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег. Засега нема зголемување на нивото на реките и не се очекува нивно излевање. Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.

    Во Гостивар и околните населби пријавени се поплавувања на куќи во село Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во село Балиндол, при што се поплавени неколку куќи. Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка. За случајот веднаш се известени Територијалната противпожарна единца Гостивар и ОВР Гостивар.

    „Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот. Претставници од локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата“, велат од ЦУК.

    Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска напладне издаде предупредување за значително зголемување на водостојот на реките во западните делови на државата. Обилните врнежи во изминатите 24 часа предизвикаа нагло полнење на речните корита, а состојбата се очекува да се влошува во текот на денот. Според Секторот за хидрологија, најризичните подрачја каде се можни излевања до крајот на денот се:

    • Полошки Регион (Гостивар и Тетово): Во горниот дел од сливот на реката Вардар се бележи висок водостој. Постои опасност од „заезерување“ во делови на Полошката Котлина, како и локални излевања на помалите реки и суводолници во Гостиварско и Тетовско.
    • Река Треска и Кичево: Треска има висок водостој, а критични точки за излевање се селата Пласница и Лисичани. Се очекува пораст и на нејзината лева притока, реката Кичевска.
    • Пелагонија и Демир Хисар: Реката Црна бележи пораст, а можни се излевања во Демир Хисар, Кичевско и Пелагонискиот Регион.
    • Охридско-Струшки Регион: Зголемен водостој имаат реките Сатеска и Коселска, каде исто така се можни локални излевања на помалите водотеци.

    „Апелираме на претпазливо движење покрај реките и водотеците во западните делови на земјата во текот на денот, поради можност од појава на високи води“, велат од УХМР и препорачуваат внимателно следење на состојбата и во источните делови, каде се можни изолирани поинтензивни врнежи.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира