Претставата „Пламенка“ во режија на Софија Ристевска-Петрушева, според истоимениот роман на Петре Димовски објавен пред 30 години, ќе има премиера на 19 февруари во 20 часот во Народниот театар Битола. Режисерката вели дека во центарот на претставата е македонската жена која го преживеала турското ропство, Балканските војни, Првата и Втората светска војна, ѝ починале децата, едното дете се иселило, ѝ го убиле сопругот и на крај останала сама.
„Жената е столбот на македонското семејство“, рече Ристевска-Петрушева.
Авторот Димовски на денешната прес-конференција рече дека и оваа и други негови книги тешко добивале видливост, а и не ги добивал наградите зашто ја работел македонската историја, а често пати бил поттурнуван од послаби писатели.
Драматизација на романот од 300 страници го направи Билјана Крајчевска. Екипата вели дека целта на претставата е да се прикаже силата на македонската жена и романот „Пламенка“ да добие поголема видливост.
Ликот на Пламенка го играат четирите актерки Маја Андоновска-Илијевски, Викторија Степановска- Јанкуловска и Вероника Ефремов, кои претставуваат различни животни периоди на жената, а Катерина Аневска-Дранговска игра улога на коза која ја раскажува цела приказна, но е и животно кое дава млеко за да се израсне хероината.
Во претставата има и играорци од КУД ,,Илинден”, а кореографијата е на Љупка Стефановска.
Претставата е копродукција на битолските Народен театар Битола, Центарот за култура и Интимен театар. Во претставата има и видеоматеријали од терен каде во минатото се воделе војните. Авторските видеа се на Сашо Илиевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



