ЛЕНЧЕ ДЕЛОВА БЕШЕ СВЕТСКА АКТЕРКА, МАКЕДОНСКИОТ ТЕАТАР ИЗГУБИ МНОГУ, РЕЧЕ БЛАГОЈА ЧОРЕВСКИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА

    ЛЕНЧЕ ДЕЛОВА БЕШЕ СВЕТСКА АКТЕРКА, МАКЕДОНСКИОТ ТЕАТАР ИЗГУБИ МНОГУ, РЕЧЕ БЛАГОЈА ЧОРЕВСКИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТАЧоревски говореше дека со Делова се знаат речиси од деца и првпат работеле во Битолскиот театар, кога таа имала 13 години. (Фото: К. Попов)

    Ленче Делова беше светска актерка. Голема актерка, голема жена, голема мајка. Македонскиот театар изгуби многу, рече актерот Благоја Чоревски на денешната комеморација во Драмскиот театар во Скопје. Делова почина на 15 февруари на 77 години.

    Чоревски говореше дека со Делова се знаат речиси од деца, првпат работеле во Битолскиот театар, кога таа имала 13 години, па продолжиле да работат во Скопје, кога имала 16 години.

    Делова играше во 60-ина претстави во Драмски театар. (Фото: К. Попов)

    „Ја прими тогашниот основач и голем визионер Ристо Стефановски, голем директор на театарот, не само во Македонија, туку во Југославија, па и пошироко. Но, мислам дека не беше веднаш професионално вработена. Така што, мислам дека таа влезе професионално од 1970 година, ако не ме лажат годините. А, ние дојдовме во 1971, јас, Мето, Марин Бабиќ, Славица Николовска, една цела група. Потоа и Перо Темелковски. И мене и сега ми претставува и чест и гордост што можам да говорам за Ленче, бидејќи многу од моите 40 години во Драмски сум ги поминал со неа, да не говорам за телевизијата. Така некои работи ми текнуваат, да речеме, во театарот ‘Понеделник попладне‘. Добивме награда на ‘Војдан Чернодрински’. Но, бидејќи не ни доделија, мислам дека доделија за режија, и ние сите ги откажавме. Ленче веднаш прва рече: ‘Ја враќам наградата'”, рече Чоревски.

    Родена е на 15 јуни 1948 во Скопје. На сцената на Драмски настапувала од 1964 како актерка-аматерка, а во 1970 стана членка на ансамблот, каде играше сè до пензионирањето во 2013.

    Делова во 1970 стана членка на ансамблот на Драмски, каде играше сè до пензионирањето во 2013. (Фото: К. Попов)

    Делова играше во 60-ина претстави во Драмски театар, од првата „Џон Пиплфокс“ од Душан Радовиќ во 1965, преку „Макбет“ на Шекспир и „Вишновата градина“ на Чехов, до „Чија си“ на Сашко Насев во 2013. Глумеше и во над 30 филмови, ТВ-филмови и серии, меѓу кои и во „Детективи“, „Илинден“, „Диво месо“, „Солунски патрдии“, „Чук Чук Стојанче“, „Тврдокорни“, „Еурека“, „Тетовирање“, „Болва в уво“, „Опстанок“, „Чернодрински се враќа дома“, „Пред дождот“, „Во светот на бајките“, „Македонски народни приказни“,  „Светот има осум страни“, „Од денес за утре“, „Турни ме да кинисам“ и „До балчак“.

    За улогата на Офелија во „Хамлет“ ја доби наградата „13 Октомври“, наградена е за најдобра актерка за улогата на Трајанка во „Ни ќар – ни зијан“ на фестивалот „Војдан Чернодрински“, каде во 2006  ја доби наградата за животно дело.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира