Светската премиера на филмот „17“, дебито на режисерката Косара Митиќ, синоќа помина со долги аплаузи во преполната сала во киното „Блумакс“ на 76. издание на филмскиот фестивал Берлинале, соопшти Агенцијата за филм. Премиерата беше во програмата Перспективи, натпреврувачка платформа на Берлинале посветена на нови и перспективни филмски автори.
„Му благодарам на Берлиналето што ни даде шанса во оваа селекција Перспективи да ја покажеме приказната која одбива комфор. Се надевам дека ќе ви се допадне филмот и дека ќе уживате“, рече режисерката Митиќ претставувајќи ја премиерната проекција.
Берлиналето е еден од најзначајните филмски фестивали во светот заедно со Кан и Венеција, а „17“ ќе има уште 4 фестивалски проекции во периодот до 22 февруари.
Филмот, по сценариото на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, е инспириран е вистинит настан кој се случи во 2016, кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе во тоалет на граничниот премин Табановце и замина на апсолвентска екскурзија во странство.
Британскиот весник „Обсервер“ во денешниот осврт насловен „Најдоброто и најлошото од Берлинскиот филмски фестивал“, го вбројува „17“ на Митиќ меѓу двата филма што се „Најдобри откритија“ и вели дека е „брутално интензивна македонска драма за девојче кое доживува тајно искушение на училишна екскурзија“. Главната актерка во филмот Ева Костиќ, пак, ја вбројува во „Најдобри ѕвезди во подем“.
Екипата на филмот „17“ на црвениот килим на Берлинале. (Фото: „Црна мачка продукција“)На црвениот килим филмот го претставија режисерката Митиќ, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска, продуцентот Томи Салковски, косценаристот Огњен Свиличиќ, копродуцентите Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Погачник, монтажерот Владимир Павловски, продажната агентка Беренис Вeнсан, дел од актерскиот тим – Жаклина Стефковска-Дрнасин, Ана Стојановска, Ева Стојчевска, Даме Јовески, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Алина Христовска, како и членовите од екипата Дејан Крајчевски, Тина Величковиќ и Димитар Атанасоски.
„Косара ја означи појавата на уште еден моќен женски авторски глас од Македонија – глас кој е истовремено итен, интимен и недвосмислено свој“, вели Агенцијата за филм.
На премиерата беше и деелгација од Министерството за култура на чело со министерот Зоран Љутков, кој вели дека оваа премиера е историски успех за македонската кинематографија.
„’17’“ отвора ново поглавје за современиот македонски филм и испраќа јасна порака, нашите автори се подготвени за светската сцена. Горд сум на овој успех и на македонската кинематографија“, вели Љутков.

Продуцентот Салковски, директорката на Берлинале Триша Татл, министерот Љутков и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски. (Фото: „Црна мачка продукција“)
Филмот „17“ ќе се натпреварува за наградата Најдобар дебитантски филм, која е востановена во 2006, додека самата селекција Перспективи е востановена во 2025. Годинава, членови на тричленото жири кое ги оценува филмовите во оваа селекција се Софија Алауи, сценаристка и режисерка од Мароко, Фредерик Хамбалек, режисер и сценарист од Германија и Дорота Лех, директорка на Меѓународниот филмски фестивал Нови хоризонти.
Петар Глигоровски, еден најзначајните македонски филмски аниматори, е единствениот кој освоил награда на Берлинале – Сребрена мечка за анимираниот филм „Феникс“ во 1977. Теона Митевска со „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ од 2019 е засега единствен македонски автор кој со долгометражен филм бил во конкуренцијата за Златна мечка. Митевска, која дебитираше на Берлинале во програмата Панорама со својот прв краток филм „Вета“ во 2001, таму се врати пак во 2017 со „Кога денот немаше име“. Во Панорама играше и „Мајки“ на Милчо Манчевски во 2011. Во 2004, „Бубачки“ на Игор Иванов-Изи играше во селекцијата за Златна мечка за краток филм, а Марија Апчевска во 2012 со краткиот „Бардо“ играше во програмата Генерација 22.
„17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар и СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network). Продуцент на филмот е „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем Филмс“ од Франција.
Б. НЕСТОРОСКА






