Дваесетгодишен жител на Мала Речица е под истрага за сторено кривично дело Тероризам и доби притвор од 30 дена, соопшти Обвинителството. Јавен обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе наредба за спроведување истражна постапка против него. Информацијата пристигнала од американското Федерално биро за истраги (ФБИ) откако била пресретната негова закана на социјалната апликација „дискорд“.
„Осомничениот на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација Дискорд испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад, му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Адам Ланца– 20-годишно момче, во училиште во САД со автоматска пушка убило 26 лица од кои 20 деца“, вели Обвинителството..
„По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од ФБИ е поднесено барање за итно откривање на дискорд-профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса, на 17.2.2026 година под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и асистенција на САЕ Тигар извршија претрес на дом и други простории во Мала Речица“, вели Обвинителството.
При претресот кај осомничениот се пронајдени и одземени секира, пет ножа со различна должина, телескоп, седум „ајфон“ мобилни телефони и компјутер. Исто така, од таткото на осомничениот е одземен пиштол за кој поседува дозвола и повеќе парчиња муниција. Останатото пронајдено оружје – пиштол и автоматска пушка, дедото на осомничениот ги поседувал без дозвола и за него е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Предлогот е прифатен и со Решение мерката е определена во траење од 30 дена.
З. АНДОНОВ



