Со скандирање „Блетец, Блатец “ и со транспаренти „Стоп за изградба на хидроцентрала на реката Блатешница“ , „Слушајте го народот, а не инвеститорите и профитерите“, „И децата и младите имаат право на вода за пиење“, жителите од ова виничко село, масовно и без инциденти од 15 до 17 часот го блокираа патот Виница-Берово. Концесијата за хидроцентрала ја има фирмата „Енерџи лукс“ Кочани уште од 2012 година. Владата во октомври лани ѝ го продолжи рокот за изградба на хидроцентралата до 7 март 2026.
„Гледате дека цело село Блатец е кренато на нозе. Бараме, надлежните институции да ја поништат концесијата за изградба на мини-хидроцентрала на нашата селска река од која се снабдуваме со здрава и чиста вода за пиење и за наводнување. Ако нашите барања не се прифатат ќе ги радикализираме наште мерки и протести“, рече членот на Месната заедница „Блатец“, Блаже Анакиевски.
Жителите од Блатец имаа голема поддршка и од жители од соседните села, како и градоначалникот и од граѓани во Виница кои во голем број беа учесници на блокадата и мирниот протест.
„Како градоначалник на Општина Виница и пред овој протест имам разговарано со повеќе надлежни институции на државно ниво, а ќе разговарам повторно во наредните денови по овој протест и се надевам дека ќе се исполни ветеното, проблемот да биде надминат во корист на селаните од Блатец“, рече градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски.
Од Владата, во изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ), не дадоа одговор дали ќе се поништи концесијата, како што бараат жителите на Блатец, туку само објаснуваат кога е склучен договорот за концесија и дека Министерството за енергетика има надлежност да го следи статусот на реализацијата на проектот за мини хидроцентрала на Блатечка Река.
Блокадата на патот траеше до 17 часот, а жителите од Блатец се вратија во селото каде, како што рекоа, ќе продолжат со деноноќните стражи на патот што води до изворите на реката Блатешница.
Т. ЈОВАНОВСКИ



