Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разгледува можност за ограничен воен удар врз Иран со цел да ги принуди властите во Техеран на договор за ограничување на нуклеарната програма. Одговарајќи на новинарски прашања, Трамп рече дека во следните десетина дена ќе биде познато дали ќе се постигне договор или САД ќе преземат воена акција.
Додека Вашингтон и европските сојузници се сомневаат дека Иран развива нуклеарно оружје, официјален Техеран ги отфрла ваквите тврдења. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи соопшти дека неговата земја подготвува нацрт на можен договор кој во наредните денови ќе му биде доставен на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф.
Најавите за можна воена интервенција доаѓаат во време кога САД го засилуваат военото присуство во регионот. Кон Блискиот Исток се упатени најголемиот воен брод во светот „Џералд Р. Форд“, носачот на авиони „Абрахам Линколн“, како и дополнителен број разурнувачи и борбени авиони.
Од друга страна, сателитски снимки покажуваат дека Иран ги зајакнува своите воени објекти. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, преку социјалните мрежи упати пораки со закани кон американските сили.
Претставници на двете земји неодамна одржаа средба во Швајцарија на која беше констатиран одреден напредок во преговорите, но ситуацијата на теренот останува тензична поради постојаното трупање војска и вооружување.



