Филмот „Златни писма“ на германскиот режисер од турско потекло Илкер Чатак ја освои Златната мечка на Берлиналето, чие 76. издание заврши синоќа. Ова е првпат по повеќе од 20 години филм на германски режисер да ја добие главната награда на фестивалот. Последен пат тоа се случи во 2004, кога „Со глава низ ѕид“ на Фатих Акин, исто така со турско потекло, ја освои Златната мечка.
Чатак е роден во Берлин со родители турски емигранти, е режисер и косценарист на „Златни писма“, кој раскажува приказната за турска уметничка двојка од театарскиот свет во Анкара. Јасниот политички став на двојката доведува до губење на нивните работни места и до материјални тешкотии. Тие треба да бидат замолчени. Чатак во 2023 освои номинација за Оскар за “Наставничка канцеларија”.
Актерката Сaндра Хилер доби Сребрена мечка за најдобра главна женска улога за „Роза“ на австрискиот режисер Маркус Шлајнцер. Во филмот, Хилер игра жена која се претставува како маж во мало, забито село во 17 .век. Ова е втора нејзина Сребрена мечка, по таа во 2006 за улогата во драмата „Реквием“.
Гран-при од жирито доби трагедијата „Спасение“ од турскиот режисер Емин Алпер. Наградата за најдобра режија му припадна на Британецот Грант Ги за портретот на џез-музичарот Бил Еванс во „Секој го сфаќа Бил Еванс“.
„Кралица на море на американскиот режисер Ланс Хамер освои Сребрена мечка – награда ма жирито, а актерите од овој филм Ана Калдер-Маршал и Том Кортнеј освоија Сребрена мечка за најдобра споредна улога.
76. то издание на Берлиналето беше проследено со многу дискусии за слободата на говорот, при што некои уметници го обвинија фестивалот дека не зазема јасен став во врска со војната во Газа.
Сириско-палестинскиот режисер Абдала Алхатиб го искористи својот говор при примањето на наградата на синоќешната свеченост за да даде политичка изјава. Неговиот филм „Хроники од опсадата“ во селекцијата Перспективи, кој ја раскажува приказната за луѓе што се обидуваат да преживеат окупација, доби награда за најдобар дебитантски игран филм.

Алхатиб, кој на сцената донесе палестинско знаме, изјави дека еден ден во Газа ќе се одржи прекрасен филмски фестивал. (Фото: ДПА)
Алхатиб ја обвини германската влада дека е партнер во, како што рече, „геноцидот во Појасот Газа“. Израел негира дека врши геноцид во Појасот Газа, што е и ставот на германската Влада, и вели дека самоодбрана по терористичкиот напад на 7 октомври 2023. Алхатиб, кој на сцената донесе палестинско знаме, изјави дека еден ден во Газа ќе се одржи прекрасен филмски фестивал.
Специјално признание за најдобар дебитантски филм во Перспективи доби “Високо на планина” на Манон Кубе. Во оваа програма дебитираше и макединската режисерка Косара Митиќ со “17”.



